
Дури и кога ќе се пресмета инфлацијата, бројот на „секојдневни“ милионери е зголемен за 2,5 пати во овој век, покажува истражување на УБС. Во Америка, каде што ги има најмногу, достигнаа 24 милиони, што е околу 7% од вкупното население. Многу скоро може да станат доминантна средна класа, бидејќи само лани секој ден имало по околу 1.000 нови милионери – по еден на секоја минута и пол.
Милионерите повеќе не се карикатура на човекот од „Монополот“ со монокл, цилиндар и бастун, вели Пол Донован, главен економист во UBS Global Wealth Management.
Тој објаснува дека движечки фактор за овој раст во САД се драстичното зголемување на цените на домовите и забрзаното стареење на населението. Сè повеќе и повеќе луѓе од генерацијата „бејби-бумери“ (родени од 1946 до 1964 година) ги отплатиле кредитите. Рекордно високо ниво од 40 % од Американците денес поседуваат куќи без хипотека. Повеќе од половината од нив е на возраст за пензионирање.
Оваа популација има огромна корист од федералните даночни политики, како што е одбивањето на каматата за хипотека и можноста да се вложуваат пари без оданочување.
Бумерите се првата генерација што се потпира на приватни заштеди за пензионирање. Овие планови не генерираат стабилен и предвидлив приход како класичната пензија. Тоа значи дека иако се богати, не се чувствуваат материјално обезбедени. Некои и воопшто не знаат дека се милионери.
Никогаш не одиме на скапи одмори. Возам Honda од 2016 година. Знам дека технички сме „милионери“ со домот како наш највреден капитал, но тоа не е баш корисно за месечните трошоци, вели Алиша Ард, домаќинка од округот Вентура во Калифорнија, каде што просечната цена на домовите сега е над 800.000 долари.
За нивната куќа вредна 2 милиони долари, со сопругот отплаќа хипотека од 1 милион долари.
Брачна двојка наставници од Јута раскажуваат дека со внимателни долгорочни инвестиции, штедење и живеење во град во кој расте цената на недвижностите акумулирале богатство од 4 милиони долари.
Се чувствуваме безбедни, но не и богати. Продажбата на куќата нема многу да помогне, бидејќи мора некаде да живееме и ќе мора да купиме нов дом, веројатно по висока цена, вели бумерот за Аксиос.
Без разлика како се чувствуваат, тие се снаоѓаат многу подобро отколку 36,8 милиони Американци што во 2023 година живееле под прагот на сиромаштија. Во светски рамки сиромашни се 3,5 милијарди луѓе.
******
Види и: Кои ти се шансите да станеш милионер?
Њујорк има 350 илјади милионери