Кога животот ќе ти даде комирани игуани, ти направи ѓувеч?

На Флорида периодов и се случи студен бран како од најкошмарните апокалиптични филмови и температурата на два дена падна под 5 степени Целзиусови (не минус, туку само беше 5 степени). На овие студови милионската популација на игуани почна да паѓа во кататонична состојба, што резултираше со речиси инстантно отворање на подзаборавените рецепти за готвење игуана.

Иако кај нас игуаната е некаков егзотичен симбол, во Флорида таа е симбол на напаст и инвазивен вид. Освен ова, таа знае да биде дел од тамошната кујна, па месото од игуана се продава за околу 120 долари за килограм.

Откако студот во Флорида масовно ги комираше тамошните игуани, кои почнаа да паѓаат од дрвја (таму дремат по цел ден) како покосени, жителите на Флорида се дадоа во жетва на игуани.

Иако ваквиот развој очекувано требаше да резултира со апели да се поштедат игуаните и некако да им се помогне, надлежните всушност се задоволни со нивното комирање бидејќи се надеваат дека тоа ќе доведе до десеткување на овој вид кој е обвинет за уништување на флората и фауната во Флорида.

За Комисијата за конзервација на дивите животни и рибите на Флорида, студеното време овозможува „уникатна можност за луѓето лесно да ги отстранат игуаните од нивниот имот“. Сепак нивниот совет не завршува со рецепт за подготвување игуана, туку дека рептилот треба „хумано да биде отстранет“.

Според законите на Флорида продажбата на месо од игуана е забранета, меѓутоа законот не ги ограничува жителите што може да прават со игуаните што сами ќе ги фатат или ќе ги купат цели, се додека тие се хумано убиени.

Локаните гурмани објаснуваат дека најмногу месо има на нозете, по 'рбетот и на опашката, а месото на ребрата не вреди да се мачиш да го вадиш.

 

24 јануари 2020 - 10:16