Кинески централи и на ветер и на јаглен

Додека европските земји настојуваат итно да ги исфрлат фосилните горива и да ги заменат со ветерници, загрозувајќи ја сопствената енергетска стабилност, Кинезите ги комбинираат предностите на обновливите и традиционалните извори. Градат комбинирани централи и го зголемуваат капацитетот за чување енергија во батерии, заради стабилност на мрежата.

Во пустината Кубуки во кинеската провинција Внатрешна Монголија почнува изградбата на две комбинирани енергетски централи од нов тип. Ќе произведуваат струја и од обновливи извори и од горење јаглен, во зависност од условите и потребите.

Вкупната инвестиција за двете централи е 127 милијарди јуани (18,4 милијарди долари). Планирано е во иднина да се изградат и уште повеќе.

Логично за регион што изобилува со сончеви часови и со ветер, приоритет ќе имаат ветерниците и соларните плочи. Јагленот ќе се користи како резервен извор, за пополнување на празнините во производството на струја и за стабилизирање на енергетската мрежа. 

Внатрешна Монголија моментално придонесува со 57% од кинеското производство на струја од ветер и дава 21% од вкупниот потенцијал за сончева енергија. Користењето на фосилното гориво ќе биде економично, затоа што во провинцијата е концентрирана една четвртина од кинеските резерви на јаглен. 

Централите ќе обезбедуваат струја за источниот економски центар Шангај и за провинцијата Џангсу. Секоја година ќе испорачуваат по 72.000 гигават часови електрична енергија, од кои 60% ќе бидат генерирани од обновливи извори.

Централата наменета за за Шангај ќе има капацитет за генерирање 8 гигавати од сончева енергија, 4,5 од ветер и 2,6 од јаглен. Комплексот ќе има и акумулатори на струја од 9 гигават-часови. Централата за Џангсу ќе произведува нешто помалку струја од ветер и ќе има помал капацитет за складирање енергија.

Овој проект значително ќе ја унапреди трансформацијата на енергетската структура, ќе ги поддржи напорите за заштеда на енергија и ќе придонесе за намалување на емисиите низ источна Кина. Тој ќе ја подобри регионалната распределба на висококвалитетни енергетски ресурси и ќе обезбеди безбедност на снабдувањето со електрична енергија и стабилност на мрежата, објавија регионалните власти.

Глобалната група за енергетски анализи Ембер проценува дека Кина стратешки го пренаменува јагленот од основен генератор на струја во поддршка за стабилноста на мрежата и дека може да ја заврши трансформацијата за две години.

Во исто време Кина веќе инсталирала речиси една половина од сите батериски складишта на струја во светот, што ѝ овозможува да ја надмине главната слабост на обновливите извори – зависноста од временските услови.

20 февруари 2026 - 16:33