Терминот „самоизолација“ за тој свет има сосема поинаков сетап отколку правење залихи од тоалетна хартија и конзервирана храна. Таквите ги палат приватните авиони и фаќаат штикла од своите земји во кои пандемијата почнува да делува како - што би рекла Мадона - големиот еквилајзер.
Одат во специјализирани бункери за апокалипси во далечни земји (на пример, Нов Зеланд) каде планираат да ја прегрмат офанзивата на вирусот. Не одат сами туку со приватни екипи на лични доктори и медицински сестри (кој колку може).
Има такви кои се за домашни решенија („купувајте американски бункери“). Претседателот на калифорниската компанија Вивос, специјализирана за продажба и изнајмување подземни скривници дизајнирани да издржат природни несреќи и катастрофи, вели дека интересот за нивната понуда е драстично зголемен од почетокот на кризата. Меѓу другото, Вивос нуди 575 реновирани и прилагодени бетонски бункери, изградени во Јужна Дакота за време на Студената војна .
Најскромните од тој свет не заминуваат никаде но очекуваат парите да им ги премостат постоечките лимити на здравствените капацитети.
„Имаме огромна побарувачка од богати клиенти да им вршиме тестирања за коронавирус, или кај нас или во приватни услови. За жал, тоа не можеме да го понудиме бидејќи државниот здравствен сервис има донесено одлука тестирањата да бидат централизирани,“ вели извршниот директор на приватната Харли стрит клиника.
Пошто греота па ич да не ги закрпат, на таквите клиниката им нуди витамински коктел инјекции, демек „специјализирани за јакнење на имунитетот“ (инаку стандардни Ц и Б комплекс витамини плус аминокиселини). Еден коктел чини 400 долари.