Јужнокорејци конечно ќе бидат обесштетени за претрпена ментална болка

Што би можело да предизвика ментална болка на жителите кои се први комшии на една од најнепредвидливите, до заби вооружени држави низ светот? Кристијано. Роналдо.

Судот во Инчон одлучи дека двајца јужнокорејски фудбалски фанови треба да бидат обесштетени за претрпена ментална болка затоа што Роналдо не влегол во игра за време на гостувањето на Јувентус во Сеул во јули 2019. На натпреварот Јувентус настапи против ол-стар екипа од корејската прва лига пред целосно распродаден стадион со 65.000 седшта.

Во тужбата е наведено дека организаторот на натпреварот тврдел дека Роналдо ќе игра барем 45 минути, меѓутоа Португалецот цел натпревар го преседел на клупа за резерви.

Објаснувањето на Јувентус тогаш беше дека Роналдо ќе остане на клупа заради замореност по натпреварот против Интер Милан во Кина кој се одигра 48 часа претходно.

По натпреварот се побунија и луѓето од корејската прва лига кои бараа извинување од Роналдо за тоа што не излегол на терен. На крај ништо од тоа не се случи.

Но затоа овие двајца што го тужеа организаторот добија надомест од 465 долари по човек, односно 89 долари за влезницата што ја платиле, и 376 долари за „менталната болка“.

Наводно адвокатот на овие двајца застапува уште 87 други лица кои тужат по иста основа.

5 февруари 2020 - 12:01