Две третини од добивките на Полимаркет одат кај 0,1% од обложувачите

Пазарите за предвидувања изгледаат како лесен начин да се заработат пари. Но, како и секое коцкање, губитниците се многу побројни од победниците. На Полимаркет 67% од добивките одат кај само 0,1% од корисниците – професионалци што плаќаат големи пари за пристап до лавини од податоци, компјутерски го проценуваат ризикот и прават по десетици вложувања во минута.

Помалку од 2.000 корисници на пазарот за предвидување Полимаркет оствариле вкупна добивка од 500 милиони долари, покажува анализа на Волстрит журнал. Соодветно толку вкупно пари загубиле две третини од обложувачите. Од вкупно 1,6 милиони трговци регистрирани по 2022 година покажала дека 1,1 милион биле во загуба. Типичниот корисник е во загуба помеѓу 1 и 100 долари, додека најмалку успешните 10% изгубиле просечно по 4.000 долари.

И на платформата Калши, губитниците се значително побројни од победниците. Портпаролката Елизабет Дијана вели дека во текот на април на секој корисник што остварил добивка имало по 2,9 што биле во загуба. Односот е сличен и за другите месеци.

Вкупниот обем на тргување на обете платформи скокнал на 24,2 милијарди долари во април, во споредба со 1,8 милијарди долари една година претходно, според аналитичката фирма The Block.

Во традиционалното коцкање, обложувалниците поставуваат квоти, прифаќаат облози и исплаќаат добивки. Куќата практично секогаш е во ќар. На пазарите за предвидување, нема „куќа“. Корисниците всушност се обложуваат едни против други. Платформите само им го овозможуваат тоа и наплаќаат надомест за услугата, кој може да варира во зависност од облозите, од видот на пазарот и други фактори.

Анализата покажува дека добитниците не се класични коцкари, туку софистицирани играчи, вклучувајќи трговски фирми, кои плаќаат милиони долари за специјализирани спортски и финансиски податоци. Нивната цел е да победат против мнозинството - рекреативни коцкари, студенти и другите трговци во мал обем. Професионалците користат компјутери и алгоритми за обработка на податоците и пресметување на ризикот. Со чести стратешки тргувања - понекогаш и по десетици илјади дневно, остваруваат профит од постепени движења на коефициентите, со строга дисциплина која ја нема кај рекреативните корисници.

Обичните трговци немаат шанса, тврди Мајкл Бос, статистичар и поранешен професионален покер играч.

Тој вели дека на Калши поставува по 60 тргувања во минута и ги проверува своите понуди и по 30 пати во секунда. Заработил повеќе од 668.000 долари, главно од спортски обложувања.

Тоа е ситно во споредба со фирмата за квантитативно тргување Сасквехана Интернешнл Груп, која во 2024 година потпиша договор како прв голем „институционален креатор на пазарот на Калши. Се верува дека Сасквехана тргува со стотици милиони долари преку Калши секоја недела. Не е јасно колку заработува бидејќи нејзиниот профил е приватен. 

Меѓу најпопуларните пазари се облозите на спомнување, кои зависат од едноставно прашање: Дали јавна личност ќе каже одреден збор на специфичен настан? Спроти говорот на Трамп за Состојбата на Унијата, корисници на Калши поставиле облози од вкупно 28 милиони долари за тоа дали претседателот ќе каже „картел“, „сомалиски“ или „хокеј“. Во јануари на облози за спомнување биле вложени 117 милиони долари на Калши. Една година претходно биле вложени 22.000 долари. 

Професионалните трговци велат дека не ги допираат овие облози бидејќи се непредвидливи и дури и милиони долари во податоци не можат да им дадат сигурна предност.

Критичарите велат дека пазарите овозможуваат инсајдерско тргување, по неодамнешните високи добивки од трговци што ја предвиделе операцијата за грабнување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и во врска со одлуки на Трамп за војната во Иран.

Платформите ги сметаат овие случаи за непосакувани инциденти што можат само да ги заострат регулативите. Полимаркет соопшти дека соработува со Министерството за правда за сузбивање на инсајдерско тргување, а Калши го забранува на својата платформа и објави казни за неколкумина трговци кои ги прекршиле правилата.

6 мај 2026 - 10:15