
Секој поминат ден, лакомиот ѕвер со неправедно досадно име J2157 јаде прав и гасови еквивалентни на масата на нашето Сонце. Размерите на оваа црна дупка се речиси непоимливи за споредба: некаде во срцето на нашиот Млечен пат постои една супер-масивна црна дупка; oваа е 8,000 пати поголема од неa односно има маса еквивалентна на 38 милијарди Сонца.
За да ја стигне J2157 и постигне слична големина, нашава црна дупка би требало да изеде две-третини од сите ѕвезди во галасијата.
Иако црните дупки не можат директно да се посматраат бидејќи не дозволуваат светлината да избега, J2157 е класифицирана како квазар (“quasi-stellar radio source”), екстремно сјајни објекти напојувани од црни дупки кои имаат најмалку милијарда пати поголема маса од Сонцето. Светлосниот сигнал се создава од честички на прав и гас кои се кумулираат на рабовите на црната дупка и кои се забрзуваат речиси со брзина на светлина. Во таа смисла, црните дупки функционираат како супер-моќни природни акцелератори на честички.
За среќа, оваа црна дупка со епски пропорции е лоцирана многу милијарди светлосни години од нас, но тоа истовремено значи и дека мерењето на гравитациско влијание дава сознанија за далечното минато, кога универзумот бил релативно млад.
„Ние гледаме што се случувало кога универзумот имал само 1,2 милијарди години, што е помалку од 10 проценти од неговата денешна старост,“ вели австралискиот астроном, доктор Кристофер Онкен.