На „боречката Олимпијада“ натпреварите се во 15 спортови: аикидо, бокс, мечување, џудо, џиу-џутсу, карате, кендо, кикбокс, тајландски бокс, панкратион, самбо, савате, сумо, теквондо, борење и вушу.
Дента кога завршуваат натпреварите во сумо и медалите се поделени, Блек на вечерната забава оди да се поздрави со победникот, сумо борачот со монголско потекло Бјамба, и да му честита на победата.
Фаст-форвард на крајот од приказната:
„Лежам со лицето на патосот од тоалетот во хотел во Санкт Петербург. Евтиниот ламинат од тоалетот ми е залепен за челото, а секој дел од моето тело ме боли полошо отколку што кога и да е ме болел. Со ќошот на окото можам да го приметам вирот од моја урина, жолта како од цртан, како полека ползи кон мојата брада.
Се обидувам да станам, ама нозете ми попуштаат. Паѓам во кадата и повраќам. Обидот за туширање беше прекинат кога открив дека допирот од вода на мојата кожа го чувствувам како да ми набиваат игли под нокти. Денес ќе смрдам и тоа е ок. Ја избирам најчистата валкана маица од мојот багаж, и потоа почнувам со походот до лобито на хотелот, во надеж дека ќе најдам некој лек или некој јаглехидрат што ќе го впие мојот срам.
Ја напуштам собата, и флоросцентното светло од ходникот ми удира во очи. Главоболката почнува да се интензивира, во мојот череп се одвива раштимано тапанарско соло.
Болката е толку силна што кога прв пат го видов телото, не знаев дали е вистинско или не.
Распослано на патосот во ходникот е најголемото човечко суштество што некогаш го имам видено во живот. Човеков без проблем тежи 180 кила. Легнат е на грб, со рацете на косо а неговиот преголем мев излезен од маичката. Човекот е без свест и испушта некакви полу здивови меѓу громогласното 'рчење. Тргнав да го проверувам ѕверов кога накај лифтот видов уште едно поголемо тело од другарот што ми е во нозе. Овој човек се лула во некој чуден сон. Како што се сврте на страна откри двајца (не значајно) помали мажи спрострени до него, како некој џиновска варијација на руски кукли.
Додека се уште ми лупа во глава, успеав да сфатам што се случува.
Четворицата мажи на патосот се сумо борачи. Претходната вечер беше последниот ден од сумо натпреварот на Светските боречки игри. На забавата по игрите, голем број сумо борачи испија херојски количества алкохол. Момциве пред мене се онесвестиле обидувајќи се да стигнат до соба, а никој не е доволно силен за да ја одвлечка нивната мртва килажа.“
Она што треба да се знае околу резимето на Блек е дека не е аматер и дека пред да почне со известување од боречки натпревари, повеќе од една деценија е дел од глам рок бенд и ги минува сите пороци што следуваат со тоа.
Десетина часа пред сцената од ходникот Блек оди на прославата за победата која се случува во бар во хотелот во кој се сместени. Кога влегува таму го гледа Бјамба со реденка колбаси во едната рака и шише вотка Руски стандард во другата.
„Како што се приближував да му честитам, големиот човек посочи во моја насока, а друг сумо борач го зема знакот за резервирано од масата (кој беше во форма на шпицеста капа) го скина врвот и направи инка од него. Следно нешто што знам е дека инката ми е во уста. Бјамба смеејќи се ми истури пола литар вотка директно во грло. Ова беше почеток на прославата, а јас веќе бев уништен,“ раскажува Блек.
По ова се преместуваат во друг дел од барот, каде ги чека брдо храна „свинска коленица, кисела зелка, планина колбаси, и леб.“ Бјамба ја преполнува својата чинија и му пушта ишарет на Блек да го направи истото. Целата постава сумо борачи и тренери седнуваат на маса. Бјамба им се заблагодарува на сите што му помогнале во победата, а кога Блек пробува да му постави прашање добива „наредба“ да пие вотка и да изеде се што му е во чинија.
Јаде уште дузина колбаси и кисела зелка „додека не почна оцет да ми тече од порите“ и пие најмалку уште пола литар вотка.
Вака наполнет со храна и алкохол, Блек почнува да се чувствува како сумо борач, нешто што им го спомнува и на присутните на масата, па сите заедно решаваат да излезат на паркинг за да ја тестираат оваа теорија.
„Сум правел глупи срања во живот. Ама со сигурност можам да кажам дека борба со сумо на паркинг на руски хотел е меѓу најглупите.
Бјамба реши да биде судија. Тој објасни дека човекот против кој се борам е едвај 115 килограми. Сто и петнаесет. Што е - некои - 45 килограми повеќе од мене. Не е проблем.
Тоа што Бјамба не ми го кажа е дека мојот противник исто така е и светски шампион во сумо во средна категорија. Ама како што бев под алкохол и адреналин решив да се пробам со мојот противник.
Публика на сите страни. Ги ставивме тупаниците на земја за почеток на мечот, Бјамба извика нешто, и со цела сила се затрчав кон противникот. Кога удрив во телото на сумо борачот беше како да удирам во карпа. Туркав. Се борев. Пробав да му ја оттргнам ногата. Ништо немаше никаков ефект.
По 15 секунди борење, сумо шампионот во средна категорија ме фрли на земја со весела насмевка. Силно удрив од бетонот и осетив како некое ребро да ми крцна.
За да ја ублажам болката некој ми даде уште вотка,“ ја раскажува Блек својата прва сумо борба на руски паркинг.
Како што тој се прибира од борбата останатите сумо борачи веќе имаа испиено се што имаа со себе и почнуваат да ги туркаат околните паркирани автомобили „како што нормален човек турка количка во супермаркет.“ Блек се пробува со еден седан, ама пукнатото ребро премногу го боли.
Од тука тајфата сумо борачи, без капка алкохол на располагање, решава да упадне во блискиот ресторан. Сè на се, екипата брои околу 30 луѓе.
„И во најдобри времиња 30 луѓе ненајавени да ти се појават во ресторан ќе биде хаос. Ова беа 30 пијани сумо борачи.
Храната од секаде се појавуваше и подеднакво брзо ја снемуваше.
Кога пијачките не доаѓаа доволно брзо, еден од сумо борците влезе зад шанкот зема буре со пиво и си излезе од ресторанот.
Последно нешто што се сеќавам пред да изгубам свест е дека Бјамба се фотографираше со персоналот.
Мамурлакот од таа вечер ми траеше околу 2 недели,“ ја завршува Блек својата репортажа од вечерта со сумо борачите, комплетно несвесен како преживеал или стигнал до хотел.
Целата вечер му го менува односот кон животот, не во некоја длабоко духовна смисла, туку само му отвора поинаква перспектива за ланецот на пиење: „од тогаш кога некој ќе ми каже ’се журкав како рок ѕвезда’ му се смеам во лице. Журкање како рок ѕвезда не е ништо. Журкање како сумо борач е повеќе отколку што некогаш можеш да си замислиш.“
Кратка репортажа за Бјамба и неговата исхрана од 10.000 калории на ден: