Веројатно се работи за маркетиншки потег бидејќи фирмата на Роберто Ескобар и претходно има користено судски тужби за привлекување на јавното внимание. Ескобар Инк се занимава со продажба на свои телефони (поточно ставање етикета на фамозниот бренд на нив) и добредојдена ѝ е секоја зголемена видливост, за разлика од бизнис моделот на Пабло, алфа мажјакот во империјата Ескобар кој претпочиташе да заработува за корка леб во поголема дискреција.
Се работи за Ајфон Икс, телефон кој Роберто го купил откако продавач на Епл го убедил дека тоа е најбезбедниот телефон на пазарот и дека никогаш нема да биде ранлив за било какви упади во него. Но, набргу почнал да добива чудни повици преку Фејс тајм (преку една документирана и средена дупка) за тие подоцна да се развијат во заканувачки пораки по што овој бил принуден да се стиши во некоја илегала.
Затоа, Роберто де Хесус Ескобар Гавириа го тужи Епл по три ставки:
- Кршење на одредби од договорот за што бара 100 милиони долари.
- Немарност и погрешно интерпретирање - 500 милиони долари.
- Пониженост, засраменост и емотивна и ментална вознемиреност и болки - 2 милијарди долари.
За споредба, ЕУ од Гугл бараше 1,4 милијарди долари за кршење на антимонополските закони.