Во Загреб веќе подолго време постои Смешхит, место каде се крши до немајкаде, за што е заслужен информатичарот Томислав Станиќ. Дошол до генијална идеја да отвори простор во кој насобраниот бес може да се испразни, во контролирани услови, наместо да избие некаде каде што можете вистински да направите беља на себе или другите луѓе.
Вели дека подеднакво го посетуваат и мажи и жени, од речиси сите возрасти. Некогаш му доаѓаат и во пар.
На шведската маса за кршење има стара бела техника, расходувани компјутери и монитори, гуми, сешто. Постојат неколку опции наречени: „Стварно ми се крши“, „Разбиј ја мрцината“, „На капиталецот му дојде денот“. Највеќе му се троши „Мрцината“, за двајца.
Може да се избере и музика. Се слуша хард-рок, метал, рап, но и сè останато (ја имаат ли „Црвени рози за вас, мадам?“)
Сесиите траат околу 30 минути, а незгодите се реткост, иако одвреме-навреме знае да притреба по некој фластер. Една девојка, откако ја закрпиле, дури и се вратила назад да се докрши.
Бесна соба, или rage room, е нешто кое во странство одамна постои. Се чини дека судоку, баскет или велнес центри веќе не вршат работа.