Ај кој може подолго без телефон во кола?

Пишувањето пораки на мобилен додека се вози предизвикува илјадници смртни случаи секоја година. И покрај тоа што возачите ги знаат опасностите, голем дел од нив упорно ги користат своите телефони додека се зад волан. Едукативните програми имаат ограничен ефект, ама затоа врши работа една друга цака.

Расеаното возење (телефон, јадење, пиење...) во САД довело до 3.308 смртни случаи во 2022 година. Телефоните стојат зад најмалку 13% од тие смртни случаи (околу 400 годишно), а статистиката е најлоша кај помладите возачи. 35% од тинејџерите признаваат дека читаат и праќаат пораки додека возат.

Во студија на една осигурителна компанија учествувале 1.653 учесници чии телефони биле следени за да се добијат објективни податоци за нивните навики а да не биде „Кој, јас со телефон во кола, па не сум јас глуп!“

Во просек, додека возат користеле мобилен 6,4 минути на час. Студијата ги поделила возачите во пет групи кај кои 10 недели биле применувани различни пристапи за одвикнување.

Првите три групи добиле едукативни материјали, потпишувале договори дека нема да пипнат телефон и слично. Тоа довело до само мало подобрување.

На четвртата и петтата група им било пристапено со поиновативни  тактики, вклучително и гејмифицирање на навиката.

Луѓето од четвртата група кај кои користењето на мобилниот зад волан се намалило за 20,5% учествувале во седмична игра која им давала поени на оние кои и ќе исполнат некои таргети за користење. Кај петтата успехот бил уште поголем (27,6%) зашто поените носеле и парични награди.

Најветувачки податок е оној дека луѓето продолжиле помалку да ги користат мобилните во кола дури и кога студијата завршила.

11 август 2024 - 10:26