Саудиски функционери признале дека на среден рок земјата ги намалува своите планови и амбиции за Неом, па од предвидените 1,5 милион, тие очекуваат до 2030 градот да има капацитет за 300.000 жители. Крајната бројка беше некои си 9 милиони жители.
Освен изјавите на функционерите, дел од градежниците почнале да отпуштаат дел од ангажираните работници на проектот. Властите и саудискиот државен фонд кој го финансира проектот одбиваат да коментираат.
Изградбата на градот кој требаше да никне на Црвеното море се проценува на 1.500 милијарди долари и намерата му беше да ја трансформира Саудиска Арабија од нафтена економија во економија која ќе биде центар за нови технологии што ќе го унапредат човековиот живот.
„Намалувањето на проектот се случува откако суверениот фонд на кралството се уште не го одобри буџетот за Неом за 2024. Тоа покажува дека финансиската реалноста на инвестиција од илјади милијарди почнува да предизвикува загриженост во највисоките нивоа на саудиската власт додека се обидува да ја исполни амбициозната Визија 2030 програма, иницијативата чија задача е да ја подготви саудиската економија за пост-нафтениот период,“ пишува Блумберг.
Во декември саудискиот министер за финансии, Мухамед Ал Џадан, призна дека ќе биде неопходно продолжување на роковите на Визија 2030 за по 2030 бидејќи „треба да се изградат фабрики, па дури и доволно човечки ресурси. Одлагањето или продолжувањето на некои од проектите ќе и служи на економијата.“
За сега главен успех на Неом проектот е развојот на соларна фарма и ветерници во вредност од над 8 милијарди долари, кои ќе треба да создадат нешто што Саудијците го нарекуваат зелен водород.