Во антологискиот филм „Кујнски приказни" од 2003, еден тим шведски истражувачи сака да проектира ултимативната домашна кујна, која штеди време и енергија. За таа цел тие ангажираат набљудувачи, кои седнати на високо столче во кујната, без да проговорат ни збор, буквално го набљудуваат секое движење на домаќините - невозможна мисија што прераснува во трагикомедија.
На ова се сетивме кога прочитавме дека компанијата за недвижнини, Хемнет одлучила да проектира идеален дом, но со малку посовремен пристап - врз основа на пребарувањата на нивниот сајт, и тоа на дури 2 милиони корисници. Анализирани се 200 милиони кликови во период од јануари до октомври 2014, како и фотографии од топ 50-те имоти секоја недела, а потоа сето тоа е предадено на архитектонска фирма која врз основа на овие податоци исцртала план на идеалниот дом на Швеѓаните.
Во просек луѓето барале простори од по 100 квадрати, со околу 4 простории (3 спални и поголемо купатило), при што кујната не е посебна просторија туку дел од дневната. Боја која преовладува е бела, односно тоа е најчестиот избор за боја на ѕидови и шифоњери. Балконите и терасите на покривите се многу популарни, со оглед на тоа што во 2014 „балкон" се појавил 411,167 пати, што од него прави најпребаруван единечен збор.
Проектираната куќа оттаму е комбинација на едноставна, енергетски ефикасна зграда којашто е лесно да се изгради, но којашто е истовремено добро осветлена со природно светло и со широки внатрешни простори. Лошата вест (можеби не и за Швеѓани): ваквиот дом, доколку би се појавил на пазарот, би чинел повеќе од 300 илјади евра.