Град со 2,7 милиони жители се разлади со 880.000 дрвја

Топлотниот бран со рекордно високи температури ги обнови дебатите во Европа дали треба да се воведат клима-уреди во земјите во кои се забранети за да не се предизвика глобално затоплување. Колумбискиот град Меделин најде многу поедноставно, економично, одржливо, чисто и зелено решение – разбивање на урбаниот бетон со милиони дрвја и грмушки.

Меделин во изминатите десет години има засадено 880.000 дрвја и уште 2,5 милиони пониски растенија, со што температурата на воздухот е намалена просечно за 2 Целзиусови степени, а во одредени делови од градот дури за 3 степени. Подобрен е квалитетот на воздухот и бројни животински видови се вратиле во урбаната средина.

За проектот Зелени коридори, градот доби меѓународни признанија. Според локалната власт, почетната инвестиција за проектот изнесувала вкупно 16,3 милиони долари (6,5 долари по жител), а годишните трошоци за одржување во 2022 година изнесувале 625.000 долари.

Зелените површини, кои претходно биле одвоени, биле поврзани во единствена мрежа која денес опфаќа 400 хектари. Создадени се 30 коридори – 18 покрај авениите и улиците и 12 покрај реките. Биле засадени и грмушки, вертикални градини, зелени покриви и тревни површини, а биле уредени и речните брегови.

На многу места, бетонот и асфалтот биле заменети со пропустлива почва и вегетација, кои подобро ја апсорбираат дождовницата и го намалуваат акумулирањето на топлина. Крошните од дрвјата обезбедуваат природна сенка и заштита од сонцето.

Покрај тоа што го разладува градот, вегетацијата има позитивно влијание врз микроклимата - делува како природен филтер што апсорбира јаглерод диоксид од воздухот и ослободува кислород, ја заробува прашината и другите микрочестички и ја намалува бучавата.

Ова било неопходно за градот со 2,7 милиони жители на надморска височина од речиси 1.500 метри. Меделин е во долината Абура, опкружен со планини кои ја попречуваат циркулацијата на воздухот, поради што се акумулира загадувањето и се создаваат топлински острови.

Студии покажале дека просечната температура во метрополитенската област на долината Абура во периодот од 1940 и 2012 година се зголемувала просечно за по 2 Целзиусови степени, првенствено поради урбанизацијата и зголемениот број возила на улиците.

Локацијата го зголемува загадувањето со микрочестички. Годишниот просек на PM2.5 надминува 5 микрограми на кубен метар, кое СЗО го смета за безбедна граница, но во суви сезони нивото се крева и до 55 микрограми.

Студија од од Универзитетот во Антиокија утврди дека во 2016 година загадувањето во регионот на Абура предизвикало 1.971 предвремена смрт и дека без контроли на емисиите од возилата овој број може значително да се зголеми до 2030 година.

Затоа е воведен систем за рано предупредување, кој се вклучува кога нивото ќе се зголеми над 38 микрограми. Тогаш се ограничува употребата на автомобили и луѓето треба да останат во домовите.

Внимателно се избира и типот на новозасадените дрвја, со фокус на мангото (Mangifera indica), кое е издвоено како најефикасно за апсорпцијата на честичките PM2.5 поради специфичните биохемиски и биолошки механизми.

2 јули 2026 - 16:13