Британија се откажува од експериментот со четири работни дена

Британските лабуристички власти планираат да го укинат експериментот со воведување четиридневна работна недела во локалните јавни служби и совети. Оценуваат дека експериментот не ја зголемил продуктивноста, а создал повеќе трошоци. Анализа потврдила подобрување на ефикасноста, но граѓаните се жалат дека се влошиле јавните услуги.

Јужен Кембриџшир стана првиот локален совет во Англија што ја усвои препораката и трајно воведе четиридневна работна недела во некои јавни сектори. Вработените во службите за собирање ѓубре и за социјално домување од август добиваа цела плата за 80% од договорените неделни работни часови. Уште 25 локални совети најавија дека планираат да ја воведат оваа шема.

Проверки на ефикасноста на мерката покажале спротивставени резултати. Анализа покажала дека услугите се подобриле, но граѓаните се жалат дека се влошиле, особено наплатата на станарина и редовните поправки.

Немаме намера да ги управуваме локалните совети и сакаме да ја истиснеме моќта од Вајтхол. Но, должни сме да интервенираме на секое неприфатливо однесување. Трошењето пари од даночните обврзници на овој начин е целосно неприфатливо. Гласачите заслужуваат почитување на петдневна работна недела, порачал министерот за заедници Стив Рид до властите на Јужен Кембриџшир.

Централната влада моментално нема овластувања да ги принуди советите да ја прекинат четиридневната работна недела. Притисокот врз општината се смета како обид да се обесхрабрат другите совети да ја прифатат шемата. 

Истражување за ефектите од четиридневната работна недела, спроведено од универзитетите во Салфорд, Брадфорд и Кембриџ, открило дека од вкупно 24 јавни услуги, дури 21 се подобриле или останале исти. Но, анкета спроведена директно со жителите покажала дека од 13 услуги се влошиле девет, четири останале исти, а ниту една не се подобрила во пробниот период.

Крајно сме разочарани од критиките, бидејќи ние сме исклучително ефикасен совет. Откако ја воведовме четиридневната работна недела, колегите за 32 часа ги завршуваат сите неделни обврски. Остваривме заштеда од речиси 400.000 фунти на годишно ниво, а бројот на апликации за огласени работни места се зголеми за 123%, додека претходно се мачевме да ангажираме и да задржиме експерти, објаснува локалната лидерка Бриџит Смит.

29 октомври 2025 - 15:57