Минатата година Барселона „преживеа“ 32 милиони посетители. Иако туризмот е витален дел од градската економија (им носи 14% од вкупните приходи), истовремено во небо ги качи цените на недвижнините што повлекува пропаѓање на шармантните маалски дуќанчиња на сметка на хотелите и туристичките шопинг замки.
Со тоа на ум, градоначалничката Ада Колау презентираше „Стратешки план за туризмот до 2020 година“ со кој треба да се заузда дејноста која го прави животот на домородците неподнослив.
Градот ги дигна даноците на недвижнини и порача дека веќе нема да издава лиценци за нови туристички апартмани. Од државните власти се бара дозвола и малите „спиење и доручек“ аранжмани да влезат под регулатива на градот а се планира и качување на цената на паркирањето на туристичките автобуси што ќе ја дигне и нивната крајна цена. Се најавува и дисциплинирање на угостителите во поглед на нивните бавчи кои се имаат раширено по тротоарите и другите јавни простори.
Планот на градските власти доаѓа по упорните негодувања на жителите кои на почетокот на годинава на популарната Ла Рамбла протестираа против туристичкото ребрендирање на нивниот град.
„Разбираме дека многу луѓе го сакаат нашиот град но тој станува тематски парк за туристи и на тоа се потсетуваме секогаш кога ќе видиме дека некое гранапче го снемало и на негов место дошла продавница за сувенири. А ние и живееме и работиме овде, и тоа не само за време викенд“, објаснува заменик градоначалникот на Барселона, задолжен за урбано планирање.
****
Види и: