Станува збор за ултраконзервативниот духовен водач на Среднеуралск женскиот манастир во Централна Русија, Отец Сергеј, на кого руските власти во април му забранија да држи служба заради непочитување на наредбите за следење на здравствените директиви.
Отец Сергеј наводно сега ја има избркано игуменијата на манастирот, и го опколил манастирот со козачки борци кои треба да чуваат стража. Тој одбива да прими и новинари и свештеници испратени од локалните црковни власти.
Од бискупијата изјавуваат дека игуменијата Варвара и уште неколку нејзини следбенички доброволно го напуштиле манастирот „за да се избегнат непотребни внатрешни расправии, кон кои е склон отец Сергеј, и да му дадат шанса да размисли за своите постапки.“ Инаку, игуменијата Варвара го води манастирот уште од неговото основање во 2005.
Отецот е познат по своите врски со повеќе руски јавни личности меѓу кои и еден пратеник и поранешната јавна обвинителка на Крим. Тој е поранешен полицаец кој го менува своето родено име во Николај Романов, во чест на последниот руски цар, и кој има одлежано 13 години затвор за убиство.
Во еден од првите настапи неделава Отец Сергеј го обвини рускиот поглавар, патријархот Кирил, дека ја предал верата.