Логиката на бизнисот е дека оние што се доволно богати за да купат јахта, немаат време постојано да ја возат каде што треба, па за таа работа ангажираат професионален екипаж кој им ја испорачува милионската јахта на локацијата каде што сакаат да ја пловат. Описот на работното место опфаќа и управување со јахти за луѓе кои сакаат да бидат возени, без никако да одговараат за својот брод.
Смит на новото работно место почнува во 2009 и тоа по еден оглас за работа што го наоѓа на Фејсбук. Задачата е нова 14-метарска јахта да се испорача од југот на Франција во Истанбул. Брза размена на мејлови и тој уште следниот ден лета за Безје да се запознае со екипажот. Кога ја завршува оваа испорака, човекот комплетно се заљубува во работата и решава да стане комерцијален капетан.
Бизнис моделот за испорака на јахти предвидува дека само капетанот добива пари, додека екипажот тоа го прави од љубов кон пловењето и за да набие километража за своето резиме. Притоа патни трошоци и оброци се покриени за сите членови на екипажот.
По неколку години, тој решава да полага за капетан на прекуокеански пловидби, а првиот ангажман му е носење јахта од Британските девствени острови до пристаништето во Фалмут, на југо-западниот брег на Британија.
Тој објаснува дека работата не е ни приближно бајковита како што може да наликува, и дека има неброени ситуации и проблеми што можат да те затекнат. Така еден од неговите совети е што да правиш кога ќе ти снема дизел, и гласи: „немој да ти снема дизел!“
Што се однесува на обем на работа, во 2018 Смит има 12 испораки.