Огромни американски работодавци како што се Волмарт, Делта ерлајнс, Т-Мобиле, Шеврон и Старбакс, но и европски брендови како Нестле и АстраЗенека ги користат услугите на седумгодишниот стартап, Aware, за надгледување на комуникациите на нивните вработени.
Џеф Шуман, ко-основач и извршен директор на стартапот со седиште во Колумбус, Охајо, вели дека вештачката интелигенција им помага на компаниите „да го разберат ризикот во комуникациите“, добивајќи во реално време податоци за расположението на вработените, наместо како што тоа досега обично се правеше, со еднаш или двапати годишно истражување на таа тема.
Користејќи ги анонимизираните податоци од аналитиката на Aware, управите на компаниите можат да видат како вработените реагираат на некоја нова корпоративна политика или маркетинг кампања. Бонус е што може да се идентификува вознемирување, дискриминација или разменување порнографија или голотија меѓу вработените.
Да, податоците се формално анонимизирани и нема имиња, ама за таа потреба се користи дополнителната алатка eDiscovery која може, ако нечија комуникација се оцени како екстремна или ризична, да се извади и име и презиме.
Човек не треба да е параноик што верува во дистопија за да види каде сè ова води, пишува CNBC.
"Разните модерни форми на надгледувањето на вработените претставува воведување на „криминал на умот“. Ги третираат вработените како инвентар на така бескрупулозен начин кој досега не е виден“, вели коосновачка на една непрофитна организација која се залага за воведување одговорности за вештачката интелигенција.
Последниве пет години, приходите на Aware растат по 150% годишно.
Ова не е прва Орвеловска идеја на спомнатиот Шуман. Пред да ја создаде Aware, имал компанија која се викала „Биг брадер лајт“.