Ставот на австралискиот милијардер Крис Елисон е дека индустријата во која работи, рударство, не може да си дозволи да продолжи по патот на флексибилно работење а дека инвестициите што биле направени во нивното седиште во Перт, биле за вработените да не ја напуштаат зградата.
„Сакам цел ден да ги држам во заробеништво.
Не сакам да ја напуштаат зградата... Не сакам да одат преку улица за шолја кафе. Уште пред неколку години сфативме колку чини тоа,“ порачал Елисон за време на една неодамнешна финансиска презентација.
Тој ги критикувал и останатите компании од нивниот бизнис што дозволиле вработените да им работат од дома, нешто што неговата компанија со 5.600 вработени го забрани уште минатата година.
Елисон има проблем и со трендот кон пофлексибилни работни часови што ја има зафатено конкуренцијата.
„Сега индустријата ни се движи во правец 'зошто не почнеме со 4-дневна работна недела, и онака се навикнавме на тоа во ковидот’.
Не може луѓе да работат три дена а да земаат плата за 5 дена, па дури и за четири дена,“ смета Елисон.
Меѓу мерките што компанијата ги презема за враќање на вработените и нивно „заробување“ беше и отворање на ресторан во своето седиште, сала за фитнес и градинка, „која чини 13,5 долари на ден, наспроти 121 долар што е вообичаената цена во градинките.“