Јапонци, луѓе што плаќаат пари за да дадат отказ

Давањето отказ знае да биде една од најќеифските работи во животот, кога се почастуваш со можност на  шефот/газдата да им плеснеш во лице сè што ти се собирало. Но, пусти Јапонци, незгодно им е сето тоа па на една фирма ѝ плаќаат 450 долари, да даде отказ во нивно име. 

Малку да се почуди човек ама и меѓу Јапонците има луѓе кои би да дадат отказ, заради премор, стрес, непријатна работна атмосфера, што и да е. На некои од нив, откако ќе донесат таква одлука, им е непријатно да минат низ стресот на лично давање отказ ама затоа од неодамна постои фирма која ги спасува од сето тоа. 

За „само“ 450 долари, компанијата Егзит ги зема работите во свои раце, дава отказ во име на нивниот клиент и ги средува деталите околу отказот. Таа цена важи за човек со полно работно време, за хонорарци им е нешто пониска а за муштерии „повратници“ даваат бонус од 90 долари.

„Дефинитивно постои побарувачка за ваков сервис. Мене лично ми е нејасно зошто на толку многу сонародници им е незгодно да дадат отказ, но таква е доминантната атмосфера во Јапонија,“ вели еден од двајцата основачи на компанијата чие име и лого (човек спремен да излезе од врата), го рефлектираат главниот квалитет на фирмата: да ти помогнат да фатиш уџум, без да се соочуваш со шефот, без да те тера да не брзаш, без да те лаже дека сè ќе биде, само треба трпение.... 

Децении наназад, работната култура во Јапонија се темели на идејата дека човек целиот работен век треба да го помине кај еден работодавец. Таквиот традиционализам во последно време е напукнат па во 2017 година, 3,1 милион вработени Јапонци смениле фирма. Сепак, таквите не се ни 5% од вкупната работна сила во земјата.

******   

На тема култура и приоритети, еден „стар ама добар“:

Јапонец и Босанец разговараат за своите животни приоритети.
Јапонецот вика:
- Мене на прво место ми е Јапонија, на второ семејството а на трето место традицијата.
Босанецот враќа:
- Кај мене е малку поинаку. На прво место ми е семејството, на второ традицијата а Јапонија ми е тек на трето.   

 

 

4 септември 2018 - 14:10