Не е до белото, до мозокот е

Тоа што некои стануваат зависници од кокаин првично беше објаснето со погрешни проценки, односно дека начинот на кој дрогата зафаќа одредени делови од мозокот спречува одредени луѓе правилно да расудат меѓу минатите грешки или да разликуваат што е добро, а што е погрешно. Сега позицијата е ревидирана на - некои луѓе имаат генетски предиспозиции за зависност од дрога.

Кадхерин е мембрански протеин кој помага во врзување на клетките заедно, а во мозокот тој е одговорен за засилување на синапсата (врската) меѓу невроните, што е важно за речиси сите видови активности контролирани од мозокот, од дишење до одење, или во случајов за осознавање на уживањето предизвикано од кокаинот.

Бидејќи претходни студии наведуваат дека постои врска меѓу зависноста од супстанци и генетските мутации предизвикани од кадхерин, научниците од Универзитетот на Британска Колумбија решаваат да го тестираат ова и да видат дали луѓето со овие мутации се навистина по подложни на зависности. За експериментот тие создаваат мутирани глувци чиј мозок е направен да произведува поголеми количества кадхерин. Мутираните и контролна група од обични глувци неколку недели се вбризгувани со кокаин и со обичен контролен раствор.

Резултатите покажале дека вишок кадхерин во мозокот на генетски модификуваните глувци спречил задржување и памтење на убавите сеќавања во мозокот од користењето кокаин.

"Ова покажува колку е комплексен проблемот со зависност од дрога и потребата од постоење персонализирани терапии кои ќе опфаќаат зависници со различна структура на мозокот.

Имајќи го ова предвид, иако студијата од Британска Колумбија го покажува влијанието на кадхеринот, тоа не значи дека лечењето зависност од кокаин се сведува на едноставно зголемување на неговите нивоа во мозокот на зависникот, барем не кај луѓето зависници," пишува Лиса-Ан Ли во текстот за Њу Атлас.

 

16 февруари 2017 - 15:37