Не, Војаџер 1 не го напушти Сончевиот систем

Главниот проблем со вчерашната вест е што НАСА никогаш не ни спомна дека Војаџер 1 го има напуштено Сончевиот систем, во најголем дел заради тоа што тие не ни очекуваат Војаџер 1 некогаш во своето постоење да успее да излезе од Сончевиот систем.

Во основа проблематичноста и повторувањето на веста се должи на тоа што границата на Сончевиот систем не е јасна како што е тоа случајот на Земјата (една држава, граница, друга држава). НАСА го дефинира Сончевиот систем како пространството во кое објектите се под влијание од Сонцето.

Процената е дека гравитационата сила на Сонцето (границата) е околу 2 светлосни години или 125.000 AU (astronomical units - 1 AU = 149.600.000 километри или просечното растојание на Земјата од Сонцето). На 2-ри август 2013-та, Војаџер 1 стигна на растојание од 125 AU од Сонцето, а моментално патува со брзина од 3,6 AU годишно.

Конфузијата е затоа што податоците што ги добиваме од Војаџер 1 се едни од главните извори за тоа што ние знаеме за меѓуѕвездениот простор. Секое ново читање на податоците ни дава подобро знаење за целата работа. Заради ова и секое ново читање се пренесува дека Војаџер 1 го напуштил соларниот систем.

Објавата на НАСА беше дека извештаите од активноста на плазмата покажале дека Војаџер 1 е комплетно опкружен од честички кои не се од соларно потекло, што значи дека тој влегол во меѓуѕвезден простор.

Преклопувањето доаѓа од дефиницијата на Сончевиот систем, па иако Војаџер 1 е влезен во меѓуѕвезден простор, дефиниран како материјата меѓу ѕвездените системи во една галаксија (нешто како просторот меѓу два гранични премини, Богородица - Евзони) во кој нема честички од соларно потекло, Сонцето се уште има влијание во овој простор и Војаџер 1 е се уште под влијание на она што се случува на Сонцето, што значи дека е во Сончевиот систем.

За да не повторуваме следната година, на Војаџер 1 ќе му требаат уште 30.000 (човечки) години за да излезе од Сончевиот систем, меѓутоа проценето е дека во 2025-та Војаџер 1 нема да има енергија за да напојува кој било свој инструмент, заради што мисијата никогаш нема да му успее.

- Војаџер 1
- Сончев систем
- Astronomical units
- Меѓуѕвезден простор
- Соопштението на НАСА

 

13 септември 2013 - 18:33