Наука, здравје, тутун

На денот на науката (10 ноември), таа излезе со убава вест за човечкото здравје: добиваме ефикасна вакцина за грип одгледана на листови тутун. И вам пак не ви чини.  

Нова вакцина за грип, за првпат култивирана на растение, минала два големи клинички теста со преку 23.000 луѓе и резултатите велат дека не само што е безбедна, туку може да се носи со актуелните комерцијални вакцини за истиот вирус.

Вакцината содржи честички налик на вирусот на грипот кои се одгледани и се екстрахираат од австралиската роднина на тутунот, билката Nicotiana benthamiana а се генетски инструирани да произведуваат вирални протеини.

На првиот тест со околу 10.000 возрасни луѓе од Азија, Европа и Северна Америка, резултатите покажале дека растителната вакцина покажала слично ниво на заштита како комерцијалната вакцина која била користена во сезоната 2017-2018. 

Во вообичаениот начин на добивање вакцина за грип се користат кокошкини јајца или лабораториски произведени клетки. Ефикасноста на вакцината за грип знае да варира во голем опсег поради фактот што инфлуенцата е највештиот познат микро-камелеон кој постојано ја менува својата протеинска обвивка па ефикасноста на сезонската вакцина зависи од тоа дали ќе се погоди доминантната варијанта на вирусот кој ќе циркулира таа сезона.

Инаку, на истиот овој 10 ноември, македонски доктори од примарното здравство оценуваат дека годинава се случува тотален дебакл на закажувањето за вакцини за грип.

 

10 ноември 2020 - 22:47