Амбициозноста на Маск се базира на неговиот песимизам дека луѓето ќе успеат да преживеат на Земјата, и според него човештвото е на пат да изумре ако продолжи да живее само на сегашната планета:
"Едниот пат е засекогаш да останеме на Земјата, и во еден момент ќе се случи настан кој сите ќе не збрише... Алтернативата е да станеме цивилизација која патува низ вселената и мулти-планетарен вид."
Втор важен сегмент од планот на Маск е пресметковната страна на целиот подвиг. Неговата амбиција е драстично да ја намали цената, за доволно голем број луѓе да можат да патуваат до Марс и таму да оформат вистинско општество. Под драстично тој подразбира од сегашните трошоци (базирани на пресметката Аполо програмата) од 10 милијарди долари по човек, патувањето да се спушти на цената на просечна куќа во САД, околу 200.000 долари.
"Моментално проценките се на околу 140.000 долари за тон до Марс. Ако патникот и неговиот багаж е под оваа тежина, вклучително тежината на храната и системите за одржување во живот за време на патувањето, цената за селење на Марс би можела да се симне и под 100.000 долари."
Најголемо намалување на цената ќе дојде од можноста за целосно повторно користење на опремата. Финансирањето на целиот план првично би дошло од договори со владата и нудење вселенски услуги на приватниот сектор (лансирање сателити, пренос на опрема и слично).
Патувањето до Марс почнува со првично лансирање на повеќе патнички вселенски летала во орбитата на Земјата. По нив ќе се лансира резервоар со гориво, од каде леталата ќе наполнат гориво додека се во орбитата:
"Ракетите и вселенските бродови полетуваат и го лансираат вселенскиот брод во орбита. Ракетата брзо се враќа на Земјата, во рок од некои 20 минути, за да може да го лансира танкерот, кој во основа е ист како патничкото вселенско летало само што целиот е полн со резервоари со гориво.
Потоа танкерот прави три до пет патувања до орбитата за да ги наполни вселенските летала кои се таму. Кога тие се полни, товарот е пренесен и доаѓа терминот за патување, што е отприлика на секои 26 месеци. Со тек на време ќе има многу вселенски бродови. На крај би можело да имаме и над 1.000 или повеќе вселенски бродови што чекаат во орбита. Па колонизаторската флота за Марс масовно ќе трга на пат."
За да има некаква одржливост, планот за колонизирање предвидува дека на Марс треба да има околу еден милион луѓе, за чие испраќање ќе бидат потребни околу 10.000 летови во текот на 40 до 100 години:
"Границата за самоодржлив град на Марс или цивилизација ќе биде милион луѓе. Ако имаш можност да патуваш еднаш на две години и ако во леталото собира 100 луѓе, тоа се 10.000 патувања... Како и да е 10.000 летови се многу летови, па на крај она што стварно би ти било потребно се околу 1.000 бродови. Би биле потребни 40 до 100 години за да можеме да постигнеме целосна самоодржлива цивилизација на Марс."
Патничкото летало се планира да биде направено од напреден карбон-фибер, и на начин кој ќе ги поедностави системите за гориво и ќе ја зголеми нивната ефикасност. Леталото само по себе ќе биде поголемо од кое било друго во вселенско летало што некогаш е направено.
Маск верува дека ќе успее да ги однесе луѓето на Марс за 80 дена, а со тек на време дека патот ќе се намали и на 30 денови.
Тој се надева дека ќе има прототип на бродот во рок од 4 години, меѓутоа целосното исполнување на планот и првото комерцијално лансирање веројатно би минале десетици години.
Целиот текст од 16 страни го имате тука