На НАСА и снемуваат скафандери, а и новите ѝ каснат

Ревизијата на НАСА покажува дека на американската вселенска агенција не само што и снемуваат одела за мисиите, туку и дека во скоро време нема да може да набави нови.

Залихата скафандери на НАСА на Меѓународната вселенска станица е при крај, а само мал дел од оригиналната пратка се целосно функционални, заради што може да се случи агенцијата да остане без неопходните заштитни пред завршување на програмата на МВС во 2024.

НАСА започна со резерва од 18 скафандери погодни за околината на МВС. Изработени се да траат најмалку 15 години, ама издржаа неколку децении. Неколку од овие одела се уништени при тестирање, дел не се исправни па сега НАСА има само 11 одела на кои функционираат сите системи за одржување во живот. Моментално на МВС се наоѓаат само 4 од овие одела, останатите се на Земјата и служат за тестирање

Иако од 2007 НАСА има инвестирано над 200 милиони долари за изработка на нови скафандери потребни за подалечните мисии од сегашното врткање околу Земјата, според ревизијата тие се "години далеку" од имање конечен производ. Ова може да биде сериозна пречка во планот на НАСА во 2020-те да испрати астронаути на Месечината кои таму треба да постават база од која во текот на 2030-ти астронаути би тргнале кон Марс.

Според ревизијата, НАСА финансирала три различни програми за изработка на вселенски одела, меѓутоа нивниот развој се искомплицирал и застанал затоа што НАСА се до сега немала јасен план за подалечните вселенски мисии. Друго откритие на ревизијата е дека дел од парите наменети за вселенски одела биле пренаменети за други програми, како 80-те милиони долари кои меѓу 2011 и 2016 се инвестирани во програмата Констелација која е прекината во 2011.

Планот на НАСА беше новите одела да се тестираат на МВС, што веројатно нема да се оствари имајќи предвид дека станицата оди во пензија во 2024, а сите проценки се дека новите скафандери нема да бидат готови до тогаш.

Првата мисија на НАСА до Месечината со екипаж, е закажана за 2021, и во неа планирано е да се направат неколку кругови околу Месечината без излегување од леталото. Доброто е што заради ова нема да им требаат скафандери, лошото е што сепак ќе им биде потребна некаква заштитна облека во случај на инцидент на вселенската капсула. Моментално се работи на овие вториве кои ќе бидат модификувани скафандери од Шатл програмата и планирано е да бидат готови само неколку месеци пред мисијата.

 

30 април 2017 - 12:03