Кога Дерек Милер оваа пролет решил да проба една иновативна земјена јахта, на крај памет не му било да предизвика научни контроверзи. Уште помалку да освои 10.000 долари.
Милер е креатор на Јутјуб каналот Veritasium каде шармантно разглобува штосни физички концепти заради што има 9,5 милиони претплатници. Во видео од мај, најавува дека ќе го проба возилото Блекбирд кое се движи со помош на ветар.
Зад Блекбирд стои извесен Рик Каваларо, поранешен воздухопловен инженер а возилото е уникатно затоа што може да се движи побрзо од - ветерот кој го движи (?).
Едриличари знаат дека тоа може да се постигне со цик-цак маневри наречени „tucking“ (конкретната техника барајте ја овде, а не овде) но самиот концепт на движење со ветар побрзо од тој ветар е спорен бидејќи кога возилото ќе ја постигне брзината на ветерот кој го движи, за него веќе не постои ветер.
„Знаев дека е контра-интуитивен проблем. Кога решив да го пилотирам Блекбирд, и самиот не бев сигурен како функционира,“ вели Милер.
Една недела по најавата, Милер добива меил од професор на УКЛА, Александар Кусенко, во кој овој му вели дека е грешка и дека таквата брзина се коси со законите на физиката.
Две-три преписки на темата и Милер предлага да се кладат во 10.000 долари а професорот прифаќа и сака со опкладата да одат јавно. Обајцата се сигурни дека се во право.
„Благодарејќи на законите на физиката, не ризикувам ништо,“ самоуверено пишува Кусенко.
Тргнува дебата на темата, Милер прави видео од неговото тест возење на Блекбирд на едно исушено езеро во Аризона, во дискусијата се вклучуваат и авторитети како Бил Нај и Нил ДеГрас Тајсон и конечната оценка е дека победник е јутјуберот.
Кусенко неволно го прифаќа поразот тврдејќи дека е можно да се постигне само малку поголема брзина и тоа во кратки интервали, муљајќи дека се работи за „intermittent wind gusts“ па Милер објавува уште еден осврт на темата:
„Важно Кусенко ги плукна десетте илјади долари“ вели Милер кој понудил да се кладат на уште 10.000 но не верува дека Кусенко повторно ќе му се јави.
Како функционира Блекбирд?
Во 2010 година, Каваларо и екипа соработници од државниот универзитет Сан Хозе, спонзорирани од Гугл, го создаваат Блекбирд. Екипата демонстрира дека возилото може да развие 2,8 пати поголема брзина од ветерот кој го движи и тој рекод е потврден од американската асоцијација за земјено едриличарство.
Каваларо објаснува дека тајната на брзината е во тоа што откако возилото ќе тргне, тркалата почнуваат да го вртат пропелерот со кој се поврзани. Како што возилото забрзува, така тркалата го забрзуваат пропелерот сè побрзо и побрзо буткајќи сè повеќе воздух зад возилото.
„Не ми се верува дека 10 години подоцна, професор по физика ќе дебатира како е тоа невозможно,“ вели изумителот на Блекбирд.