Говното (пак) ќе биде шеф

Со помош на најдобриот пријател на човечкиот нос, казанчето, милиони луѓе секојдневно го исфрлаат вишокот од својот ценет организам во аналогните одводи на човечката цивилизација (дигиталните се викаат социјални мрежи). Меѓутоа, топтан со тоа јабана одат драгоцени информации за денес најголемиот глобален непријател на човекот - коронавирусот.  Поглед одблиску во тој вишок (хмм) би можел да ни каже до каде сме и дали и кога опасноста поминала.

Од Стенфорд до Универзитетот Аризона, од Австралија до Париз, научни истражувачи со нумизматичка страст собираат примероци од канализациони материјали во потрага по SARS-CoV-2, вирусот кој предизвикува ковид-19.

Иницијалните студии мирисаат на надеж дека ваквата „канализациона епидемиологија“ и стручно воден мониторинг на човечкиот вишок би можел да ни каже не само како вирусот се шири во заедницата туку и кога е заминат од наша близина.

Разбирањето на коронавирусот е главна енигма на денешницата и научната заедница уште се надмудрува со некои феномени како што се лажните позитивни резултати, ефикасноста на тестирањата и нивниот опсег, бројот на заболени без симптоми и слично, а податоците од канализацијата би можеле да ги пополнат тие дупки со битни, агрегирани информации.

„Со помош на канализациониот материјал можете брзо да направите снепшот на целата канализација. Најблиску до тоа е да успеете буквално секој човек да го тестирате на коронавирус а потоа да вадите просеци од тоа,“ вели Маријана Матус од Биобот Аналитикс, стартап инспириран од нејзинот докторат на МИТ.

Количините на вирус кои се детектираат во тој материјал, во суштина можат да се користат како огледало на тајмингот и размерот на епидемијата во една заедница, на многу побрз и поевтин начин отколку поединечното тестирање на луѓето. Сите тие информации, собрани и класифицирани, можат да дадат клучни информации за јавните политики - каде се потребни дополнителни медицински набавки, кога да се отворат училиштата, рестораните и дали да се дозволат јавните собири.

А како што многу земји започнуваат со олабавување на мерките, мониторингот на канализациониот материјал би можел навреме да запали аларм дека вирусот доаѓа во втор бран. 

Можеби некому сето ова му е гадливо, но вакви техники, децении наназад имаат помагано во рано откривање на норовирус, хепатит А и други болештини ширум светот.

 

1 мај 2020 - 13:49