Новите Pussy Riot и старите музички жртви

Руските панкерки од Pussy Riot (нешто како "Распеани скопјани" со муда) добија двегодишна затворска казна заради "хулиганство мотивирано од религиозна омраза". Прилично остра казна за еден, во суштина глуп потег, да се влезе во црква и да се малтретираат верници со свој перформанс. Музиката продолжува, девојките имаат нов сингл во кој го реметат Путин.

Оваа земја можеби е посилна отколку време минато во затвор.

Колку повеќе апси, толку е посреќна.
Секое затворање го прави со љубов кон сексистот
кој си става ботокс во образите и си ги пумпа градите и стомачните.
Но не можете да ни го зададете последниот удар.
Отфрлете го јаремот на поранешното КГБ!

Путин ги пали огновите на револуцијата
Нему му е досадно и е уплашен од споделувањето молк со луѓето
Со секоја егзекуција, смрдеа на скапана пепел
Со секоја долга реченица: влажен сон

Земјата излегува, земјата излегува храбро на улиците
Земјата излегува, земјата излегува да му каже збогум на режимот
Земјата излегува, земјата излегува како феминистички клин
И Путин си заминува, Путин вели збогум како овца

Уапсете го целиот град на 6. мај
Седум години не се доволни, дајте ни 18!
Забранете ни да врескаме, да одиме и да пцуеме!
Оди и омажи сe со отец Лукашенко.

**********************************

Трите девојки од Pussy Riot не се првите кои на своја кожа ја почувствувале решителноста на естаблишментот да не дозволи рушење на својот мир заради "таму некоја музика".

The Plastic People of the Universe

Оформени во 1968-ма, комунистичкиот режим на тогашна Чешословачка ги издржа до 1976-та, кога ги однесе на суд поради "нарушување на мирот". Грешка. Процесот против нив беше иницијална каписла на Манифестот 77 на Вацлав Хавел и останатите интелектуалци кој водеше до познатата кадифена револуција. (повеќе за бендот тука).

El Général

Комплетно непознат туниски хип-хопер, со додека не ја објави песната "Тунис, мојата земја", критички насочена против тогашниот претседател Зине Ел Абидине Бен Али. Раперот заглави во затвор а Бен Али отиде курбан во арапската пролет. Ал Џезира пишуваше за улогата на хип-хопот во тамошните револуции.

Klash

Исто рапер, од Саудиска Арабија. Уапсен во 2007-ма година заради навредливост на неговите текстови. Подоцна е пуштен на слобода и оттогаш е мирен. Се претпоставува дека слободата ја платил со потпишано ветување дека ќе биде коректен.

Porno Para Ricardo

Кубански панкери, минаа 4 години во затвор заради поседување дрога. Тврдеа дека се наместени заради нивните текстови против режимот. Нивниот фронтмен Горки Агиља и натаму го пердаши Кастро.

Dead Kennedys

Американскиот хардкор бенд на Џело Бијафра беше обвинет за растурање опасен материјал на малолетници, само заради сликата од нивниот омот на албумот Frankenchrist. Дело на швајцарскиот уметни Ханс Рудолф Гигер со наслов "Penis Landscape".

Powerage

Бенд од Јужна Африка, активен во 80-тите. Уапсени заради нивните недвосмислени пораки против апартхејдот. Сите белци.

**************************

Овде можете да го прочитате завршниот збор на судењето на Pussy Riot.

 

 

21 август 2012 - 01:38