„Филти Енимал“ (Фил Тејлор) се одјави во ноември 2015 (пишувавме тука), шест недели пред тоа да го стори и Леми (види овде). Сега се повторно заедно откако почина и третиот член од нивната најлегендарна постава која ги потпишува култните албуми Motörhead, Overkill, Ace of Spades, Bomber, No Sleep 'til Hammersmith па онда и Iron Fist по кој работите тргнаа на лошо.
Брзиот има дојдено во Моторхед по наговор на Филти а замина од бендот кога Леми почна да се мува со цицлестата Венди О. Вилијамс и кога со нејзините Плазматикс се договорија на Б страните да си прават кавери едни на други, што за Еди било предавство на принципите на Моторхед.
После Моторхед свиреше во Фаствеј во кој беше и тапанарот на Клеш, Топер Хидон.
„Не пиев пред да дојдам во Моторхед. Но да се биде во група со Леми и Филти, значеше дека веќе за една година станав алкохоличар“, се сеќаваше Еди на дружењата со неговиот омилен Карлсберг (Special Brew).
И додека Леми беше изненаден од својата старост ("За две години ќе полнам 70 години. Како бе мене ова ми се случи??"), Брзиот имаше прилика да сфати дека е тоа најлошото што може да му се случи на човек.
„Никој не те подготвува на фактот дека почнуваш да личиш на антика. Или дека делови од твоето тело почнуваат да одат по свој пат. И дека ти е проблем да се качиш по скали. Ќе видиш млада женска и ќе си кажеш: „Ебате, ама е згодна!“, ама забораваш дека имаш 67 години и мора да си удриш шамар. Староста веројатно е најлошата работа што може да му се случи на некој. Сето она срање со мудроста... ок, има и од тоа нешто. Работите што некогаш ти биле важни сега ти се тривијални“, викаше Еди Кларк.
Како најслаба карика му се покажаа белите дробови. Почина од пневмонија и имаше емфизема заради цигарите иако ги оставил во 2008. Патем и проблеми со срцето, со притисокот, со простатата...
„Кога одам по улица, звечкам како лимена кутија со бонбони“, има кажано човекот кој никогаш не ја изгуби смислата за заебанција.
Има куп тривиа за Моторхед ама веројатно најјаката е дека нивната песна Моторхед е единствената снимена рок песна на сите времиња во која се спомнува зборот „паралелограм“ :)
РИП. Нека ви е вечна бучава.