Година ќе мине, денот никако - лаушевиќевски мудрува фронтменот на Моторхед, Леми Килмистер, кој последнава година беше главно закован дома, поради серија здравствени зафрканции: срцеви проблеми, дијабетес, операција...
Но, повторно е на нога, со басот на рамо, спремен да се загрее на годинешнава Коачела по што ги чека европска турнеја.
На Хајд Парк Моторхед ќе свират со Блек Сабат иако таа сцена Леми ја памти уште од 1968-ма година, кога отишол на Стоунси, само неколку денови откако го изгубија Брајан Џонс.
"Ужасни беа, комплет раштимани, Џегер носеше некаков фустан," се сеќава Леми, кој по операцијата на срцето мораше да ги остави цигарите и да намали со алкохолот па наместо омиленото комбо Џек & Кола, денес пие розе вино.
Од престојната турнеја, најмногу му се радува на концертот во германскиот град Вакен каде лани мораше да го скрати концертот заради проблеми со срцето по што заврши на операција.
Дома во Лос Ангелес, оваа година најчести визити му правел Слеш кој и сам има проблеми со здравјето заради абразивните години минати во Ганс енд Роузес. Леми вика дека Слеш е супер дечко.
На 68 год признава дека е стар, и дека тоа уште не може да го разбере.
Како ова мене ми се случи? За две години полнам 70 години! Па тоа е апсурдно!
Вели дека ќе свири додека може но заради луѓето, не за пари:
"Сум видел како изгледа кога стари јунаци свират за пари. Многу жално," вели човекот кој своевремено за Мајкл Џексон изјави:
Aко е тој "Bad", што сум тогаш јас?
Од последниот албум на Моторхед, Aftershock: