Патрик Раден Киф од Њујоркер има добиено награди од критики за неговото занимавање со проблематичните години на Северна Ирска. Во својот нов подкаст ја извади скокотливата теорија дека зад ултра познатата и - ако се прашуваме ние, а се прашуваме, нормално - неиздржливо лигава и патетична балада на Скорпионс стои никој друг туку ЦИА.
Така му рекле извори од агенцијата, така тој ни пренесува и веднаш признава дека нема докази за да го поткрепи тврдењето.
А околностите се интересни. Германските хеви-метал трудбеници со досадни и предвидливи песни „Скорпионс“, со децении беа несфатливо популарен бенд, дури и зад Железната завеса каде изгорени за метал Руси и други Совети ги штанцаа на самиздати. Rock You Like A Hurricane веројатно ја имате слушнато но ни приближно немаат повртена песна од Wind of Change.
Пуштена е во етер непосредно по паѓањето на Берлинскиот ѕид а пред распаѓањето на Советскиот сојуз. Со референците на Русија, темата за меѓународното братство кое започнува со она фамозно свиркање, станува неофицијална химна на крајот на Студената војна, победата на Западот и како што посакуваше Франсис Фукујама, крајот на историјата .
„Тоа воопшто не е карактеристична песна за групата која повеќе привлекуваше внимание со NSFW омоти на плочи отколку со политика, што прави полесно да се верува во верзијата дека некој друг им ја има дадено песната“, пишува Џошуа Китинг во Слејт.
Шпекулациите велат дека линкот меѓу Скорпионс и сивите зони на американската влада бил нивниот менаџер Док МекГи кој има работено со многу други рок и хеви метал бендови (Мотли Кру, Скид Роу, Ози Озборн, Бон Џови). Интересно е што МекГи важи за еден од најголемите криумчари на марихуана во историјата на САД кому во една прилика му биле запленети 20 тона ганџа. За чудо, од тој скандал се извлекува само со условна казна затвор и парична казна од 15.000 долари.
ЦИА има долга историја на плеткање во уметнички промоции: од финансирање на политички коректни левичарски магазини, преку печатење на романот Доктор Живаго како дел од пропагандната војна против Советскиот Сојуз до злоупотреба на Нина Симоне за политички концерти во Нигерија.
********
После волкав муабет за Скорпионс, редно е да слушнеме нешто од - Запа.