Чарли Вотс: Немам гајле ако Стонси се растурат

Го направија бендот пред 56 години, денес заедно имаат 294 години. Најстариот од нив (две постар од Ричардс и Џегер) вика дека не би се потресол ако Стонси се распаднат или некој од нив каже дека му било доста. А и за Боуви се чуди, што толку потресуење.

Во пресрет на првата британска турнеја после пет години, 76 годишниот Чарли Вотс се произнесе дека не би се потресол ако групата се распадне. 

„Ми се маваат тапани, ми се свири со Кит и со Мик и со Рони. За сè друго во врска со Стонси, не сум толку сигурен“.

Вотс вели дека не знае што би правел ако не постои групата но дека не е загрижен околу тоа. 

„Кит отсекогаш викал: ако си се фатил за орото, играј го. За среќа, не р'мбаме како порано и имаме огромни паузи меѓу два настапа. Најважно ми е да сум доволно здрав“.

Одамна има престанато со пушење и пиење и потсетува дека на негови години тоа не како кога човек има 40, да се унереди а утредента да може пак. Вели дека и целата сцена е изменета, дека во 50-тите немало филм во кој глумците не пушеле, а денес такво нешто не може да се види.

„Драго ми е за тоа ама од друга страна, тоа ги уништи клубовите. Тие денеска не личат на нешто што јас го замислувам како клуб. Многу се клинички“, вели тапанарот со камено лице.

Признава дека го изненадиле масовните емоции по смртта на Дејвид Боуви. Како за човек, има убави зборови за него и вели дека напишал „неколку добри песни“, ама не го смета за музички гениј.

„Би мразел ако ние до Стонси не се раздвоиме пријателски. Би сакал Мик, или Кит или кој било да дојде и да им каже на другите: 'Дечки, доста ми беше'. Не би сакал околу тоа да правиме кавга“, пренесува Гардијан.

 

28 февруари 2018 - 14:48