Иако веста ја нема на ниту еден релевантен руски или светски сајт, заради шокантноста и сите кликови што ќе ги донесе, информацијата за терање правда со голи раце беше распослана по локалните и балканските портали.
Веста на овие простори најверојатно прв пат се појавува на босанскиот портал novi.ba, според кои:
"По жолчна академска и политичка расправа, во руската Дума усвоен е нов закон што ќе сопре голем број силувачи во нивната намера. Руските жени од сега слободно ќе можат да го убијат својот силувач и тоа автоматски ќе се третира како реакција во самоодбрана при што силуваната жена за ова дело на ниту еден начин нема законски да одговара. Да потсетиме, Путин неодамна им најави војна на силувачите и педофилите, и изјави дека овие луѓе кои постојано ги повторуваат своите злодела се 'срам за руското правосудство.'...
... Путин на новинарите кратко им го појасни новиот закон 'Ќе им биде казна секој ден кога ќе се дружат со други затвореници.'"
Текстот завршува со "Законот воодушеви голем број жени."
Освен процедуралните проблеми заради кои не е донесен ваков закон (никој не побарал, расправал, гласал за него), освен проблемите со веродостојност (никој релевантен го нема пренесено), ваквата одлука би предизвикала тектонски промени и реакции на правосудството низ целиот свет. Кога веќе се навлегува во анализирање на глупоста, треба да се има предвид дека ова значи воведување на улична правда и комплетно исклучување на судскиот систем од одлучувањето.
Продолжувајќи по истиот пат, ти се попречува изјавата од Путин дека на силувачите "ќе им биде казна секој ден кога ќе се дружат со други затвореници," можност која на авторот на статијата не му пречи што е прилично ускратена од сржта на оваа вест според која жртвата на лице место го убива својот напаѓач.