Новообјавени документи детализираат како началството на Твитер активно работело на цензурирање „незгодни“ податоци за ковид со дискредитирање на доктори и експерти кои имале сомнежи во вакцините.
Во најновиот дел од „Фајловите на Твитер“, новинарот Дејвид Цвајг открива како американската администрација (и на Трамп и на Бајден) вршеле притисок врз раководството на Твитер за потиснување информации што се „вистинити, но незгодни“. На тој начин властите ја потиснувале слободата на говорот и на обичните корисници на Твитер - дури и кога тие се повикувале на податоци на Центарот за контрола и превенција на заразни болести.
Документите даваат повеќе контекст за тоа како владата се инфилтрирала „кај што треба“ во социјалната мрежа а новиот газда и директор, Илон Маск, за следната недела најави нови откритија.
Луѓе од администрацијата уште во раните денови на пандемијата се состанале со директори на Твитер, Гугл, Фејсбук и Мајкрософт барајќи „помош од технолошките компании за борба против дезинформациите“.
Летото 2021 година Џо Бајден оцени дека социјалните медиуми „убиваат луѓе“, дозволувајќи дезинформации околу вакцините. Само неколку часа подоцна беше суспендиран популарниот акаунт на Алекс Беренсон, некогашен новинар на Њујорк Тајмс и вакцинален скептик. Бидејќи тој случај дојде и на суд, Твитер мораше да обелодени документи како Белата куќа притискала за „деплатформирање“ на Беренсон и притоа биле „многу гневни“ што Твитер не кине и други слични акаунти.
Меѓу многуте експерти кои беа етикетирани како ширачи на „дезинформации“ беше и д-р Мартин Кулдорф, епидемиолог од Харвард. На 15 март 2021 година тој одговори на прашање дали оние кои веќе го имале вирусот и малите деца треба да ја примат вакцината.
„Не. Да се мисли дека сите мора да се вакцинираат е исто толку научно погрешно како и да се мисли дека никој не треба. Вакцините се важни за постари лица со висок ризик и нивните старатели. На оние со претходна природна инфекција не им треба. Ниту на деца“.
Тој твит веднаш доби етикета а сите одговори и лајкови беа исклучени.
Слично ѝ се случи и на Кели Кга иако таа само цитирала податоци од Центарот. Суспендиран бил и еден доктор од Роуд Ајленд кој споделил рецензирана студија за ефикасноста на мРНК вакцините.
Дури и твитови на Доналд Трамп биле дебатирани од модераторите. Тој закачи ковид, оздраве па кога излезе од болница порача:
„Се чувствувам одлично. Не му се плашете на ковидот, не дозволувајте тој да доминира со вашите животи“.
Главниот советник во Твитер веднаш дигнал аларм зошто овој твит не е скинат. Се работи Џим Бејкер, некогашен функционер во ФБИ за кој претходно објавените документи покажаа дека директно учествувал во потиснување на приказната за лаптопот на Хантер Бајден.
Најпроблематичен е самиот начин на кој Твитер модерирал содржини.
Голем дел од работата ја спроведувале автоматски ботови (обучени за машинско учење и вештачка интелигенција), меѓутоа се потпирале и на подизведувачи од места како Филипини, кои помагале да се реши што е дезинформација.
Накратко, на луѓе кои ни приближно не се експерти им се доверувала задача да пресудуваат за твитови за сложени теми како што е миокардитисот и ефикасноста на маските. На крај на тој процес, пресекувале главните во Твитер.
„Политичките склоности на раководните луѓе во Твитер и притисокот од властите до доведоа Твитер да прифати пристап дека другите загрижености се небитни и дека најбитно е да се ублажи проблемот. И дека тоа е „НАУКА“, пишува Цвајг.
*********