На видеото што го објавува ИСИС, Фоли е во портокалов костим на колена пред својот егзекутор. Ја дава својата последна изјава, во која ги истура своите чувства против САД (по нарачка на ИСИС), и снимката прекинува. Потоа кога пак се вклучува камерата, милитантот (кој зборува со британски акцент) во рака има нож. Му ја отсекува глават на Фоли, а камерата се врти кон другиот заробен американски новинар Стивен Сотлоф, заканата е "Обама, животот на овој американски граѓанин зависи од твојата следна одлука."
Разликата меѓу Сотлоф и Фоли во однос на новинарите што ги гледаме на вести како ја пренесуваат војната, е што тие се фриленсери и не само што немаат ресурси во луѓе и опрема, туку немаат ни редовни приходи, а сториите што ги прават не им се по нарачка или однапред платени.
Целата ситуација околу дневниот живот на фриленсерите во кризните зони (и како неспоредливо помалку меинстрим новинари се киднапирани) ја објаснува италијанската новинарка Франческа Бори кој во Columbia Journalism Review пишува "...на крај ти всушност ги максимизираш наместо да ги минимизираш ризиците. Не само што не можеш да си дозволиш осигурување - кое е речиси 1.000 долари месечно - туку не можеш да си дозволиш ниту некоја врска (што локално ќе ти ги врши работите) или преведувач. На крај се наоѓаш сам во непознатото... Ако завршиш сериозно ранет, те искушува надежда дека може нема да преживееш, бидејќи не можеш да си дозволиш да бидеш ранет."