Ал Џезира го објави стартувањето на Рајтли, опишувајќи го како платформа за програми и продукција на он-лајн содржини насочени кон „публики кои денес не се доволно претставени во медиумската средина,“ поконкретно „десно од центарот Американци“.
Целата операција е под надзор на Скот Норвел, дел од тимот што на времето го основаше Фокс њуз, кој во соопштението наведе дека целта на Рајтли е да прикаже широкиот спектар на американската десница.
„Американскиот конзерватизам никогаш не бил монолитен. Со Рајтли се надеваме да создадеме платформа која ќе ги засили гласовите на лепеза претставници кои попрецизно ќе ја отсликуваат расната, културолошката и генерациската разноликост на централно-десната политика во Америка.
Целта ни е да привлечеме нови Американци, млади Американци и Американци од различна боја и задно да претставиме конзервативни идеи кои ги надминуваат бариерите што идентитетските политики сакаат да ги постават меѓу нас,“ изјавил Норвел.
Реакцијата на вработените на новинската мрежа се движи во рамките на: чудно, стаписани, неочекувано, збунети и „не знам како ова ќе им врши работа“.
Ставот на авторот на книгата за меѓународните и арапски медиуми „The news media at work,“ Тарек Черкауи, е дека Катар сфатил дека има дупки во начинот на кој ги покрива САД и дека не успеал да создаде врски со американската десница.
„Луѓето што решаваат во Доха знаеја дека нешто имаат пропуштено, доаѓањето на Трамп во Белата куќа, но исто и фактот дека (неговиот советник и медиумски могул Стив) Банон беше еден од највидливите ликови кои го оформуваа светогледот на Трамп, и тие пропуштија да изградат мостови со кој било од овие луѓе.
Тие сфатија дека нема да можат да им се приближат на закоравените симпатизери на Трамп затоа што ќе биде премногу тешко таму да играат... Тие увидоа дека централно-десните се многу недоволно застапени и имаат проблем со својот наратив кој им е тешко да го истакнат наспроти хардкор Трампистите,“ објаснува Черкауи.
Претходно Ал Џезира се проба на американскиот пазар во 2013 кога почна да се емитува американски новински канал. Овој проект издржа 3 години.