Апу ќе го пудат од Симпсонови

Еден од најдрагите ликови во култната серија најверојатно тивко ќе го снема од Симпсонови. За да немало контроверзи. Убаво вика Мат Греининг: „Живееме во време кога луѓе обожаваат да се преправаат дека се навредени“.

Филмски продуцент обелодени дека од повеќе извори кои работат на серијата, вклучително и такви кои директно се поврзани со креаторот Мат Греининг му навестиле дека Индиецот кој држи гранапче најверојатно ќе го снема од Симпсонови.

„Разочарувачка е гласината која ми ја потврдија многумина, дека ќе се откажат од ликот на Апу. Нема да дигаат врева околу тоа, најверојатно тивко ќе го снема а причините лежат во желбата да се избегнат понатамошните контроверзи околу него“, рече продуцентот Ади Шанкар кој има работено на неколку Нетфликс серии.

Еден индиски комичар направи цел документарец за тоа како му било тешко што цел живот го следела сенката на ликот Апу, дуќанџијата од Симпсонови, бидејќи маалските го викале така и му го имитирале акцентот.

Акцентот е фејк и доаѓа од белецот Хенк Азарија кој му го позајмува гласот и на кафанџијата Мо (глуп и бел), шерифот Вигам (глуп и бел), Комик Бук дечкото Џеф (глуп и бел) и колегата на Хомер од Нуклеарката, Карл Карлсон (црн и неглуп).

Самиот Азарија изјави дека би бил среќен да го напушти ликот ако луѓето од источна Азија го сметаат за навредлив. На креаторот на Симпсонови му е јасно за што се работи:

„Живееме во време кога луѓето обожаваат да се преправаат дека се навредени.“ 

30 октомври 2018 - 08:33