Ај да се кладиме дека не

Гледањето порно доведува до групен секс, е еден од главните аргументи на законодавците на Вирџинија, кои разгледуваат резолуција со која порнографијата ќе биде прогласена за штетна и токсична.

Конвенцијата што треба да биде изгласана од парламентот на Вирџинија (сојузна држава со вкупна популација од околу 8,3 милиони) ќе ги задолжи тамошните власти да „ја познаат потребата за едукација, превенција, истражување и промена на политиките на ниво на заедница и општество“.

Во првичните верзии на резолуцијата порното беше наречено „јавна здравствена криза“ и „епидемија“, а се тврдеше и дека ги „учи девојките дека тие треба да бидат искористени, а момчињата ги учи дека треба да искористуваат“. Во подоцнежните верзии ова беше стишено, ама и понатаму го обвинува порното за: „индивидуални и општествени штети“, „сексуално токсична околина“, нормализирање „на насилството и злоупотребата“, изедначување на „насилството со секс, а болката со задоволство“, зголемување „на побарувачката за трговија со секс, проституција, слики од сексуална злоупотреба на деца и детска порнографија“. Згора на ова, се наведува дека порното може да создава биолошка зависност.

Што се однесува до поврзаноста меѓу порното и оргијањето, таа во резолуцијата е објаснета вака: „користењето на порнографијата, од кој и да е партнер, се поврзува со зголемена веројатност дека поединците ќе се впуштат во групни односи“.

Како што точно забележува Трејси Кларк-Флори во Вокатив, „импликациите се дека порното предизвикува групни односи и исто така дека групните односи некако се проблем“.

Не е познато од каде авторите на резолуцијата ја нашле поврзаноста меѓу порното и зголемената веројатност од оргии. Вокатив анкетираат неколку научници што ја изучуваат порнографијата, и ниту еден од нив не бил свесен за постоење на издржана студија на темата.

4 февруари 2017 - 13:51