Обои жолто

Жолтата боја на макароните остава впечаток дека тоа фино, здраво, не штеделе на јајца луѓето. А всушност  - жолта петка и жолта шестка се боите, кои обожава да ги користи глобалниот прехрамбен гигант Крафт. Од другата страна на фронтот, двајца блогери.

Блогериве започнаа крстоносна интернет војна против мамутот Крафт надевајќи се дека ќе ја принуди компанијата да престане да ги користи непотребните вештачки бои во своите макарони со сирење.

Овие непотребни а потенцијално опасни бои се забранети во многу земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, се наведува во петицијата која досега ја имаат потпишано 275.000 лица.

Ризиците од вештачките бои се предизвикување хиперактивност кај децата, алергии и можна поврзаност со канцерогени заболувања.

Крафт засега не ни помислува да попушти, наведувајќи дека користи прехранбени бои кои ги минале тестовите на надлежната организација за храна.

А бојата на храната, не само што ја прави допадлива туку директно влијае врз перцепцијата за вкусот и врз нејзината прифатливост.

Дури и бојата на самата чинија во која е сервирана влијае врз оценката за вкусот на храната, покажуваат истражувањата.

Од реалниот свет, анегдотален е примерот со Пепси, која во 1993 година, со сите нишани го лансираше Crystal Pepsi, пијачка идентична по вкус со оригиналното Пепси, само без вообичаената боја на карамела.

Новата пијачка доживеа фијаско бидејќи луѓето имале чувство дека пијат нешто што има сосема поинаков вкус од оној кој го навикнале.

3 април 2013 - 15:32