Американци се мислат дали да продолжат да јадат марула

Еден бауч кружи над Соединетите Американски Држави. Баучот на експлозивната дијареа. Се работи за епидемија со рекордни размери кои сè уште не се прецизно дефинирани но виновникот е циклопора, паразит што се шири преку човечки измет а на трпезата најчесто стигнува преку зелената салата. А кога ќе се види нејзиниот состав, испаѓа дека таа главно е средство да се префрли вода, од нива до маса.

Зелените листови на марулата се одговорни за повеќе болести од која било друга категорија храна, велат податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Анализа од 2024 година покажа дека зелената салата е извор на околу 1,7 милиони случаи на болести што се пренесуваат преку храна годишно, а економските трошоци изнесуваат 3,7 милијарди долари. Зелената салата и другиот зеленчук што генерално се јадат сурови се на врвот на листите првенствено затоа што повеќето патогени што нè разболуваат не преживуваат готвење. Значи, можно е истоветно да е контаминирана и блитвата, но таа претходно термички се обработува.

Тамар Хаспел, авторка која во Вашингтон пост пишува колумни за храна, тврди дека постојат и посилни аргументи за игнорирање на марулата.

„Американците јадат околу 14 грама зелена салата дневно. Добрата вест е дека тоа се само неколку калории. Но, нема ни многу друго, затоа што зелената салата е околу 95 проценти вода. Размислете за тоа за момент: само 5 проценти од вашата марула е хранлива. Секој пат кога една марула ќе се набере, спакува и складира на полица, само една дваесеттина од таа тежина е вистинска храна. Зелената салата е само средство за пренесување на вода од фарма до маса. И брокулата е 90 проценти вода, што не звучи толку различно од 95 проценти, но тоа значи дека има двојно повеќе хранливост во неа“, пишува таа. 

Хаспел ферски додава дека во тие 14 грама марула има и нешто влакна (една четвртина грам), малку калиум и неколку мали количини други минерали и витамини а најголемата предност се  9-те проценти од дневно потребниот витаминот А, но него во изобилство го има и во друга храна.

„Ќе се осмелам да предвидам дека ако целосно престанеме да јадеме зелена салата, нема да има криза во јавното здравје. Можеби дури и ќе има корист, бидејќи, ако зборуваме за исхраната, мора да зборуваме за тоа што оди со вашата зелена салата. Крутони? Пржен халуми? Оние сушени крцкави тестенини?“

Америка јаде многу марула, но многу и фрла, и тоа приближно исто. Една и пол милијарди тони годишно, изедени или фрлени.

Значи, на едната страна од равенката има 1,7 милиони годишни случаи на труење со храна кои коштаат 3,7 милијарди долари, како и 1,5 милијарди долари скапана марула.

Ама затоа, од друга страна, се има совршен изговор дека се јаде здрава салата. Со еден тон сосови и тракатанци.

 

 

 

 

24 август 2026 - 19:28