Сумата што ја објавува Вол стрит журнал за оскаровската кампања на Нетфликс е околу 100 милиони долари ставени за промоција на сите 24 номинации. Но нивните процени се дека доминантно најголемиот дел од парите се потрошени на промоцијата на „Ирецот“ и „Брачна приказна“, што е далеку повеќе од стандардниот буџет на филмските студија за промоција во сезоната на награди кој се движи меѓу 5 и 20 милиони долари.
Освен „гламурозни журки како од Златното доба на Холивуд“ во домот на првиот човек за содржини на Нетфликс, Тед Сарандос, како дел од промоцијата е организирана и проекција на филмовите на Нетфликс во градовите во кои живеат гласачите на Академијата, без разлика дали тоа е Мадрид, Сиднеј, Копенхаген, Токио или Берлин.
Како дел од содржинската промоција на 3 и пол часовниот филм „Ирецот“, Нетфликс објавува 2-часовно специјално видео околу филмот, 3-часа „зад сцената“ подкаст епизоди, и околу 20 видеа на Јутјуб каналот на Нетфликс поврзани со филмот.
Плачот низ Холивуд е дека нивните филмови стандардно се оценуваат и според резултатите на кино-благајните, додека оние на Нетфликс не, како и тоа дека стриминг платформата ги собира номинациите кои инаку би завршиле кај независните филмаџии на кои овие награди им се неопходни за да соберат популарност.
Дел од оправданието на ваквите трошоци на Нетфликс е дека тие инвестираат во промоција на филм кој вечно ќе постои не нивната платформа, додека за филмските студија циклусот главно завршува кога ќе се изврти во кината.
Минатата година се проценува дека Нетфликс потроши 25 милиони долари за оскаровска промоција на „Рома“ чие снимање чинеше 15 милиони долари. Рома освои 3 Оскари.
Годинава, од 24-те номинации за 7 наслови, Нетфликс успеа да освои само 2 Оскара, еден за документарец (Американска фабрика) и еден за споредна женска улога (Лора Дерн).