Дали некој сè уште го поставува прашањето „што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“. Искрено прашувам, бидејќи одамна никаде го немам слушнато, а не дека не сум се изнаслушал сешто на детски родендени како родител. Не знам дали некој му го поставил истово прашање на кумот на татко ми кога биле мали, но знам дека единствениот искрен одговор би бил „да имам своја кафеана која сам ќе ја уредам и каде само јас ќе пуштам музика“. Добро, веројатно не го кажал тоа, туку нешто стандардно како пожарникар, полицаец, но на преминот на вековите, оваа вистинска желба се оствари. Отвори кафеана во неговата куќа каде што се пушташе само мешавина од латино и блуз музика, а сите што дојдоа првата вечер, вклучително и ние децата кои не пробавме алкохол, добиваа маици со ликот на Че Гевара на кои пишуваше „Клуб Кубано“.
Подоцна тргнавме во средно школо, што се совпадна со поголемата достапност на ЦД-а преку кои го откривме светот на музиката и пиратски DivX филмови кои ни ја отворија вратата на кинематографијата. Таа врата беше особено важна затоа што имавме кино во градот што ретко прикажуваше нешто. Додуша, дури и кога имаше програма, таа беше проектирана на платно украсено со дамка во горниот десен агол како некој да оставил џиновска шолја кафе на него. Освен тоа, салата беше толку студена како да е на планина, а не покрај море, во Бар. Не е непознато дека во тие први години на DivX доминираше „Матрикс“, револуционерна и имагинативна креација, приказна за која уште не бевме свесни колку ќе биде нагрдена од лоши, полоши и најлоши продолженија.
Мојата средношколска група металци сакаше да ги гледа Нео и Тринити и нормално дека во уво ни влезе песната „ “Wake Up”“ со која завршува филмот.
Ги слушавме и споделувавме сите метал класици, Мејден, Металика, Слејер, но ова не ни беше баш познато. Ама затоа некој, не е ни битно кој, сигурен сум само дека не бев јас, доби ЦД (се разбира, пиратски) со моќна корица. На неа има графит на кој се прикажани контурите на лице кое држи силно крената тупаница, а во рамките на контурата е испишано “Battle of Los Angeles”“. Песната од Матрикс ја нема на албумот, но со првите отворачки рифови на „Testify“ брзо ја заборавивме. Океј, не е тоа метал каков што слушавме, има многу повеќе фанк, но не пречи - може да се скока, може да се „хедбенгува“, може и шутка. Брзо се набавуваат и другите албуми - „Evil Empire“ баш и не ни легна, преработките на „Renegades“ ги сакавме, но затоа првиот, без наслов, со слика на будистички монах во моментот кога се самозапалува, станува Светото писмо.
А тоа не е крајот - се набавуваат и спотови, а оној за „“Sleep Now in the Fire”“ ги одушевува сите. Ова не е само моќен бенд кој растура со рифови, ова се автентични бунтовници кои ја блокираат берзата и големиот капитал и ги напаѓаат политичарите. Една година подоцна, после 11 септември, целиот нивен каталог се најде меѓу песните предложени за цензура во САД. Преку dial-up интернет ги бараме текстовите, преведуваме и сфаќаме дека оваа музика многу добро се слуша во онаа маица со ликот на Че Гевара.
Како што ескапизам од основно училиште беше преку играчки и фантазирања со кои ќе заборавевме на секојдневните детски неволји, така средношколскиот ескапизам стана RATM. Без разлика дали се работи за забрана, за пропуштање на некоја добра журека, за осаменост, за тоа колку е неправеден и злобен светот, решението беше едноставно - рокнете ја „Guerilla Радио“ или некоја друга песна и изнаскокајте се со рифовите на Том Морело и стиховите на Зак де ла Роча.
И сите оние средношколци ширум Европа, а особено во нашиот регион каде што постојано чувствувавме некаква неправда, беа со скршено срце затоа што паралелно со откривањето на таа музика, открија и дека бендот повеќе не постои и дека никогаш нема да ги слушнат во живо. Земјата конечно се отвораше за концерти, се одеше на Егзит, настан кој го доживеавме како наш младински бунт и уникатност, како наш отпор кон којзнае што, како тинејџерска визија за промени и нов свет. Навистина, малку кој може да биде повеќе заблуден од сопствената важност како адолесцент закачен на малку поалтернативна музика и литература. Патем, се разочаруваш што нема да ги видиш своите херои така што тоа го доживуваш како некаква посебна неправда.
Се чинеше дека оваа неправда кон сите нас ќе биде исправена со формирањето на новиот бенд „Audioslave“, со тројца членови на RATM и со гранџ гигантот Крис Корнел. Одличен проект, три генијални албуми, многу хитови, но и сосема поинаков звук, лишен од политика, лишен од бунт, музика која е многу повеќе гранџ отколку метал. За среќа, веќе не бев во средно за да го сметам и тој чин за неправда и предавство туку можев само да уживам во новиот звук. Но со исчезнувањето на тоа чувство дека си важен, посебен како личност, дека си носител на промените, со текот на времето исчезнува и вербата во подобар свет, исчезнува вербата дека нешто ќе промениш, полека прифаќаш дека светот е каков што е и дека песните што ги сакаше се само тоа, песни, дека не се предвесници на ново време, поправедно општество, подобар свет.
И покрај сето тоа, после факултетот, одејќи на протести против режимот на ДПС (социјалистите - н.з.), без разлика дали нивната тема беше корупција, неправда, изборна кражба или милитаризам, секогаш се храбрев слушајќи ја “Know Your Enemy” на слушалки. Падна режимот на ДПС, а политичката ситуација во Црна Гора не се подобри многу. Егзит фестивалот, оној кој на почетокот на векот ми претставуваше некаков музички бунт и отпор, крена раце сам од себе, носејќи сè послаби имиња, намалувајќи го бројот на бините, затворајќи се пред пошироката публика и секаков вид на активизам. А Rage Against the Machine? По неколку повторни собирања и различни проекти, остана (само?) бенд кој имаше добри песни, но чие политичко влијание и политички активизам беа невозможни во ваков свет. Затоа не е ни чудно што самиот Морело, и покрај сите негови борби и црвени потокраки на капите и кошулите, заврши пуштајќи музика во Лас Вегас за големи пари. Ама, носталгичното дете каков што сум, не ми беше тешко да возам петстотини километри за да го видам на овогодинешниот Егзит.
И што би рекле на англиски “and he delivered, oh my God, did he deliver”. Совршено отсвирен сет, мешавина од соло работи, преработки на великани како Ленон, Спрингстин и MC5 и колаж од најдобрите RATM песни, споени во една неверојатно моќна, епска изведба. Треба да му се оддаде признание затоа што ниту еден друг гитарист го нема тој звук, никој не „пржи“ така, а Морело стварно пржи, дури и денес. Од првиот момент, заедно со својот бенд, нè натера сите да скокаме, да ги пееме песните што ги знаеме, да уживаме.
Но, не се работи само за тоа, тоа го можат и многу други, некои го прават тоа и далеку подобро од него.
Она што ни го продава Морело, а добро го продава, е илузијата за посебен вид заедништво за време на настапот. Ние, присутните на тоа место, не бевме само посетители на концертот, љубители на музиката. Ние сме браќа и сестри, ние сме активисти, ние сме политички бунтовници. Шутката на тој настап не е само ослободување од агресија, туку чин на заедништво, момент преку кој ја покажуваме нашата блискост. Во моментот кога ја свири „The Ghost of Tom Joad” и покажува дека од другата страна на гитарата му пишува “Ceasefire”, тука сме, сите заедно, да протестираме против воените злосторства на Израел во Газа.
Додека тој кажува “union” a mi “power”, повикуваме на синдикално обединување. Кога целата публика ја пее “Killing in the Name”, се буниме над никогаш запреното полициско насилство. Сето тоа се завршува со Леноновата “Power to the People” која се ори низ целата публика со ритмично скокање.
Том Морело е врвен музичар, подобар забавувач, но најдобар е како трговец. Неговиот производ е токму она чувство што го имавме тие час и половина на главната сцена на Егзит. Можеби денес сме сметководители, банкари, државни службеници, автори на „Големи приказни“, но за време на тој концерт бевме активисти, бунтовници, милитанти, браќа и сестри кои ќе го променат светот. Таа илузија, тој производ тој ни го продава, а ние го купуваме. Можеби тоа е максимумот на политички активизам што остана од Rage Against the Machine и е со нас денес. Нешто како онаа маица на Че Гевара, чувство дека си посебен и поинаков, бегство со надеж дека некогаш ќе биде подобро. И тоа, треба да се каже, е сосема ок. Ок од Морел кој продава, ок и од нас кои купуваме.
А што се случи со маицата на Че Гевара? Последното искуство што ја имав со неа беше кога ја носеше мојот кум, па за малку ќе нè претепаа еден куп неонацисти скинхедси кои нè прашуваа „како ги носите тие комуњарски маици во овој локал?“. Локалот се викаше „Маршал“, знаете, маршал како Маршал Тито. Иако живата во скалата за мерење иронија достигнаа највисока точка, неонацистите тоа никако не го сфаќаа. Можеби ја бараа дефиницијата за иронија во онаа песна на Аланис Морисет. Well Alanis, isn’t it ironic? Don’t you think?