Писмото на Џон Стајнбек до Мерилин Монро

Три години откако го напиша „Источно од рајот“, Џон Стајнбек (Глувци и луѓе, Плодови на гневот...) седнува да ѝ напише писмо на Мерилин Монро. „Јас знам дека ти не си создадена од божествен етер, ама тој не знае“, пишува нобеловецот, објаснувајќи една чудна молба за автограм. Баш шизичко писменце.

Драга Мерилин,

Во целото мое искуство, немам сретнато човек кој побарал автограм за себе. Тоа главно се прави за дете или за некоја стара тетка, што знае да стане многу заморно, но ти тоа го знаеш и подобро од мене.

Ете ме и мене сега, со мала нелагодност во стомакот, да ти кажам дека имам еден внук кој живее во Остин, Тексас, се вика Џон Остин.

Тој со едната нога е во пубертет, но тоа е само еден од неговите проблеми. Другиот си ти.

Јас знам дека ти не си направена од божествен етер, но тој не го знае тоа. Да му сугерираш дека ти си нормално човечко суштество би го шокирало, и јас сигурно нема да бидам оној кој ќе му го каже тоа.

Скоро бев во Тексас и притоа жена ми направи фатална грешка: му кажа дека те имам сретнато. Него не му се верува тоа, ама сега ме почитува повеќе од порано, дури и да е лага.

Е сега, имам јас барано разни глупави молби во животот, па сега ќе побарам една таква и од тебе. Би му пратила ли, за мое задоволство, фотографија од себе, можеби во некое замислено, женствено расположение? Напиши го неговото име и дај му до знаење дека знаеш дека тој постои.

Тој веќе е твој роб. Ова ќе го направи мој.

Ако го направиш ова, ќе ти дадам гостински клуч од женскиот влез на Форт Нокс и башка, ќе ми се свиѓаш уште повеќе.

Џон Стајнбек,
28 април 1955

 

 

 

 

 

29 октомври 2023 - 12:20