
Истражувачи од универзитетите во Женева и Берн примениле вообичаени тестови за емоционална интелигенција на напредните јазични модели, вклучувајќи ги ChatGPT-4, Gemini 1.5 Flash, Copilot 365 и DeepSeek V3. Моделите го избрале „точниот“ одговор на тестовите за емоционална интелигенција во 81% од случаите, во споредба со резултатот од 56% за луѓето.
Моделите биле испробани и како креатори на нови тест-прашања. Општиот заклучок бил дека вештачката интелигенција е подобра во „разбирањето“ на емоциите од луѓето.
Толкувајќи ги резултатите, експерти забележуваат дека точноста зависи од методологијата. На тестовите се барало избор на еден од повеќе понудени одговори. Тоа е тешко применливо сценарио во реалниот свет.
Луѓето не секогаш се согласуваат за тоа што чувствува некој друг. Дури и психолозите различно ги толкуваат емоционалните сигнали. Тоа не значи дека вештачката интелигенција има подлабок увид, туку дека почесто го дала статистички очекуваниот одговор, коментира Таимур Иџлал, експерт за безбедност на информации.
Предноста на ВИ ѝ е во препознавањето обрасци, особено кога емоционалните знаци следат препознатлива структура како изрази на лицето или лингвистички сигнали.
Маркос Алвес, чиј модел „Аилтон“ го користат над 6.000 возачи на камиони на долги релации во Бразил, вели дека неговата апликација идентификува стрес, лутина или тага со точност од околу 80% кога возачите комуницираат со неа во реално време. Тоа е за 20% подобар резултат отколку што постигнале луѓето.
Способноста на јазичните модели да анализираат милијарди реченици и илјадници часови разговорно аудио им овозможува да препознаат микро-интонациски знаци што луѓето често ги пропуштаат, објаснува Алвес.