Во видео-анализа подолга од два часа, „Gamers Nexus“ објаснува дека повеќето брендови за телевизори ги собираат податоците за она што го гледате за потребите на нивните системи за автоматско препознавање содржина (ACR), LG оди подалеку од основите и собира чувствителни информации, како што се локацијата, IP-адресата, имињата на блиските Wi-Fi мрежи и имињата на сите уреди поврзани на истата мрежа со телевизорот.
ACR е стандардно вклучен на повеќето нови телевизори. Програмата ги евидентира вашите навики за гледање и ги продава тие податоци на која било заинтересирана надворешна компанија.
На веб-страницата „LG Ad Solutions“, производителот наведува дека неговата ACR-технологија може да им помогне на огласувачите да допрат до 49 милиони паметни телевизори на LG во САД и до речиси 216 милиони паметни телевизори ширум светот.
Знаеме кој се наоѓа во домаќинството што користи уреди на LG. Знаеме кои уреди се присутни таму и како да го прошириме тој досег кон мобилните уреди, вели претставник на компанијата, објаснувајќи ги придобивките од ACR-системот.
Според видео-анализата, LG има податоци и за околу 363 милиони секундарни уреди, во кои спаѓаат и компјутери, принтери, смарт-уреди и мобилни телефони поврзани на истата мрежа. Врз основа на овие податоци, во комбинација со ACR податоци, рекламни идентификатори и други информации, може да се изградат детални профили за тоа како луѓето ги користат сите уреди.
На снимката, исто така, се покажува како компромитиран телевизор може да снима аудио преку својот микрофон дури и кога екранот е исклучен. Ако привремено е исклучен од мрежата, снима разговори и звуци и ги испраќа кога ќе се обнови врската.
Загриженоста не е ограничена само на еден бренд, но истражувачите истакнуваат дека нема причини за паника, ако се преземат практични чекори за исклучување на ACR, со што се ограничува собирањето податоци.
Паметните телевизори се наоѓаат на пресекот на забавата, рекламирањето и домашната мрежа. Тие треба да бидат третирани како уреди чувствителни на безбедноста на домот, предупредуваат истражувачите.