ЦЕО-то на Сони компјутер ентертејмент објави дека глобално имаат продадено 5,3 милиони Плејстејшн 4 конзоли, наспроти ИксБокс кој од новата конзола има продадено само 3,9 милиони примероци. Освен ова Сони веќе ги надмина очекувањата за до крај на година, па сега наместо 5 планираат да има продадено 10 милиони примероци.
"Микрософт ја изгуби ПР битката уште пред премиерата на двете конзоли, со тоа што призна дека ИксБокс Оне ќе мора цело време да биде поврзан на интернет, потоа двоумењето околу компатибилноста со игрите купени на старо и пред се со тоа што се фокусираше на дневната соба наместо на гејмерите. Сони го искористи моментот, ја претстави својата конзола како нешто што традиционалната публика повеќе го сака и ги собра сите симпатии," пишува Мат Ворман за Телеграф.
Двете компании имаат комплетно различен пристап, со таа разлика што стратегијата на Сони во моментот повеќе се исплати. Треба да се има во предвид дека циклусот на вадење нови конзоли трае околу 5 години.
За овој период, претпоставката на Микрософт е дека публиката ќе сака да има уред за во дневна соба кој ќе биде центар за целата (аудио-видео) забава во куќата - комбинација на филмови во секое време, апликации, телевизија, Скајп и ако дојде ред и игри. Наспроти нив иако конзолата на Сони ги има сите овие можности, компанијата сепак решава повеќе да им се рекламира и да им се нуди на гејмерите, како надградена класична играчка конзола.
"Милиони луѓе може се гејмери, ама вистинската награда е во создавање уред кој ќе биде поврзан на секој семеен телевизор, а оваа награда се уште не е освоена," објаснува Ворман.