Фокскон ангажираше дополнителни 50.000 работници пред лансирањето на Ајфон 16

Се работи за фабриката во Женгжоу каде Фокскон според извештаите на кинеските медиуми само во изминатите две недели вработил уште 50.000 луѓе.

Ова е најголемата фабрика на светот за Ајфони, а работниците според Саут Чајна морнинг пост се ангажирани за повисоки плати. Под повисоки плати се подразбира 26 јуани на час (3,63 долари) наместо досегашните 25 јуани на час. Посебен бонус од 7.500 јуани (околу 1.050 долари) има за искусните вработени со работно искуство кои ја напуштиле фабриката и се вратиле.

Фокскон има уште четири други фабрики во кои се произведува Ајфон и други уреди. Со вкупна работна сила од над 1 милиони работници, фабриката во Женгжоу е најголемата од сите што ги има.

Во пикот на производната сезона, просечната месечна плата изнесува меѓу 5 и 7 илјади јуани, а кога е помала гужвата меѓу 3 и 5 илјади јуани, главно затоа што има помалку прекувремени работни часови.

Премиерата на Ајфон 16 е закажана за септември, а планот на Епл е до крајот на годинава да испорача 90 милиони уреди, што е околу 10% повеќе од претходната генерација.

Во вториот квартал на 2024, Епл излезе од топ 5-те најпродавани смартфони во Кина.

13 август 2024 - 11:42