Батерии дишат CO2 и даваат струја

Батериите денес се меѓу најбараните производи во светот, не само за во електричните автомобили, туку и за складирање на струјата од обновливите извори, кои се нестабилни и зависат од временските услови. На пазарот наскоро може да се замеша нов тип батерија на која не може да ѝ се најде маана – за да создаде струја се храни со јаглеродниот диоксид од воздухот.

Научници од Универзитетот во Сари ја создадоа првата ефикасна батерија од литиум и CO2 што практично „дише“ јаглерод диоксид и на тој начин создава енергија.

Литиумот, како најлесен метал, вообичаено во батериите се комбинира со друг метал за да се поттикне хемиска реакција. Но, може да реагира и со јаглерод диоксид, кој не мора да биде спакуван, туку би се црпел од воздухот. Досегашните експерименти на оваа технологија не биле успешни, бидејќи поради наталожениот карбонат на батериите брзо им се трошел капацитетот, не можеле да се полнат, а за катализатор се користеле скапи метали како платина.

Тимот од Сари ги надминале проблемите користејќи евтин катализатор - цезиум фосфомолибдат. Компјутерските анализи и лабораториските експерименти потврдиле дека тој овозможува батеријата да складира значително повеќе енергија, да се полни побрзо и да издржи повеќе од 100 циклуси на полнење.

Доколку се комерцијализираат, овие батерии би можеле да помогнат во намалувањето на емисиите од возилата и индустриските извори. Авторите наведуваат дека тие би биле особено практични за мисии на Марс, каде што CO2 го има во 95% од атмосферата.

Покажавме дека е можно да се изградат ефикасни литиум-CO2 батерии користејќи достапни материјали што можат да се прилагодат на димензии. Не се потребни ретки метали. Нашите наоди исто така отвораат можност за дизајнирање уште подобри катализатори. Литиум-CO2 батериите би можеле да станат практичен начин за складирање чиста енергија, истовремено помагајќи да се намали јаглеродот во атмосферата, објави Даниел Командер, еден од авторите на студијата.

За да се задоволат потребите за складирање енергија, со ова темпо на преминување кон обновливи извори, до крајот на деценијата ќе мора да се зголеми капацитетот на батериите осум пати. До 2050 година дури 34 пати, покажува истражување на банката UBS.

22 мај 2025 - 14:04