Огласот бил објавен од компанијата Dimensional, која не развива хардвер, туку системи што би им помагале на луѓето да извршуваат секојдневни физички обврски без да излезат од својот дом.
Луѓето треба да им командуваат на роботите да креваат тешки кутии и да влечат работи наоколу. Би било варварски да им се остават овие физички задачи на луѓето, вели Сташ Помихтер, основачот на Dimensional.
Првичниот предизвик се роботизирани патроли и обезбедување за фабрики, центри за податоци или градилишта. Компанијата нарачала 100 роботи-кучиња и 50 хуманоидни роботи од производители во САД, Кина и Германија. Роботите за кои бара шетачи се од кинеската компанија Unitree и чинат по 2.000 долари.
Позитивната страна на работното место е што не се бара претходно работно искуство (што би било апсурдно) и што шетачите немаат потреба да зачистуваат по механичкото куче. Но, работата може да биде исцрпувачка.
Кандидатите мора да се чувствуваат удобно и безбедно да ракуваат со опрема тешка околу 16 килограми, пишувало во огласот.
Прошетката трае од 4 до 6 часа на ден. Шетачите мора да бидат физички спремни да го кренат роботот на раце и да го носат до базата ако му се потроши батеријата или ако се блокира од кои било други причини. Мораат да го штитат и роботот и околината ако случајно избега од контрола.
Прошетката всушност претставува реална обука на агентите со вештачка интелигенција вграден во роботите. Додека јазичните модели се хранат со пристап до огромно количество дигитални информации од интернет, оние што се наменети за роботи мораат да научат да ја „читаат“ урбаната околина, да препознаваат објекти, улици, тротоар или пешачки премини, и да ги препознаваат секојдневните движења и сообраќајни навики на луѓето.
Друга верзија на куче-робот веќе патролира околу станбен комплекс во Атланта, со човек што го надгледува од Филипини. Роботот е во суштина мобилна безбедносна камера управувана од далечина.
Роботизираните кучиња може да бидат управувани и од вештачка интелигенција. Помихтер програмирал роботско куче да патролира во канцеларија ноќе. Му дал задача да испрати СМС ако види дека некој влегува во зградата по полноќ за да може да се провери дали е вработен или натрапник. Но, луѓето се покажале како многу поефикасен придружник.
Од нашите експерименти со шетање кучиња утврдивме дека агентите со ВИ сè уште се многу лоши во контролирањето на хардверот. Неопходно е учество и на луѓе, укажува Помихтер.
